Ми успеја на „Мизар“ да им направам споменик што ќе трае. Би сакал да имаме уште многу вакви причини за собирање, зашто македонската мзуика е богата и вредна. Ние имаме своја оставнина што треба да ја почитуваме, рече Тошо Филиповски на вчерашната промоција на „Мизар“ – Откровенија 1981-2021“ – прва монографија за македонски рок бенд
„Вечерва се случи уште еден значаен настан за македонската рок музика – промоција на монографијата за групата „Мизар“. Прекрасно дело на неуморниот Филиповски Тошо, прекрасна дружба со многу драги лица после подолго време“, „Голем и среќен ден, се надеваме набрзо ќе се случи и концерт на „Мизар“, „Сношти Тошо Филиповски го славеше делото на „Мизар“, а „Мизар“ го славеа делото на Тошо – монографија на групата“, „Среќни сме ние што те познаваме. Среќни сме и што вечерва уште едно твое дело излегува за да самото раскажува за твојата посветеност кон македонската музика“, „Филиповски Тошо – гордо пријателе не запирај не застанувај , има што да соопштиш“, „Синоќа со по едно – две пива, со музиката на „Мизар“ и со неверојатните средби низ кои проструи моќна енергија, направивме заверка на историјата!“… Ова се само некои од реакциите на социјалните мрежи по синоќешната промоција на „Мизар“ – Откровенија 1981-2021“ – прва монографија за македонски рок бенд што ја изготви Тошо Фиповски, чувар и хроничар ма македонската популарна музика.
И навистина она што се случи вчеравечер во кафе-барот „Глуво куче“ во Скопје наликуваше на златните денови на македонскиот рокенрол. Беше настан кој искреше од позитивна енергија, што додјоа да го проследат голем број музичари, новинари, креативци од сите бранши, со еден збор љубители и почитувачи на сето она шо го прави Тошо Филиповски, за афирмација на македонската популарна музика и секако почитувачи на „Мизар“, бенд, кој со своето 40-годишно опстојување е вткаен во македонската историја.
Промотор беше новинарот Панта Џамбазовски, прв тапанар на бендот, кој меѓу другото рече дека Тошо Филиповски вложил многу труд да го собере материјалот за монографијата, иако имал помош од членовите на групата и од новинари и пријатели.
– Четириесет години не се малку за лесно да се создаде приказната и да се запази хронолгијата. Сите баравме материјали, евоциравме сеќавања, тој се јавуваше кај новинари од цела екс Југославија и пошроко. Контактираше со многу луѓе, правеше милион разговри, а со членовите на „Мизар“ нанорно разговараше за настани и случки. На 333 страници исполнети со текст, се изјави и сеќавања на членовите на бендот, познати мзуичари, организатори на концерти, фоторепортери…Во книгата има врвни фотографии, некои првпат се објавуваат, има податоци за сите членови нагрупата и за првпат е направено семејно стебло за еден бенд. Тука се и ластарите на „Мизар“, од кој се изродиле „Инола Икс, „Кисмет“, „Архангел„, „Берлин гори“. Некои членови се поврзувале со други бендови, создавале авторска музика, други станале професори, новинари, некои сѐ уште се во музиката, а за жал тројца не се веќе меѓу нас – рече Панта Џамбазовски.
Тој имал можност прв да ја прочита книгата и уште на првите страници еден податок, како што рече, многу го растревожил.
– Уште на првите страници ме допре еден податок што го прочитав. Во 1986 кога го гледал првиот спот на „Мизар“ на Македонска телевизија, животот на Тошо се променил. Тој вели дека овој спот го направил подобар човек. Ова многу ми значи. Верувам дека на многу луѓе сме влијаеле позитивно, да се насочат кон македонските вредности, а не кон шунд, домашен или странски сеедно. Но „Мизар“ изврши влијае и врз самата Македонија, зашто се појавува 1980-те кога случуваат големи промени во регионот. Влијаеше и преку јазикот – македонски, со потпирање на традицијата, со бунтовноста и непокорноста кон тогашниот систем – рече промоторот Панта Џамбазовски.
Според Тошо Филиповски „Мизар“ е предвесник на промените, а со добивањето на независноста како да го снема по завршена мисија. Но за среќа повторно се јавува со бунт и пркос како порано, но со мудрост што го носи искуството.
– Кога ги правевме првите песни во подрумчето на Горазд Чаповски во „Козле“ се појавија и првите пречки. Наспроти пробивот надвор, дома имавме проблеми, не сакаа да ни ги пуштат песните на радио, поради дилемата дали сме на добра или на погрешна линија. Не треба да се заборави дека Македонија имала секогаш своја рок култура, иако и денес бендовите се борат да ги третираат така, а не како забава. Важно е и дека „Мизар“ никогаш не направи јазичен компромис, а не направи и компромис за името. Кога пред неколку години ме поканија на „Гитаријадата“ во Заечар, Србија, да бидам член на жирито, по прикажувањето на докуменатрецот за „Мизар“, што го режираше син ми Марко Џамбазовски, на прес- конференција ме прашаа зошто сме инсистирале песните да бидат отпеани на македонски, јас одговорив дека нема национализам кај „Мизар“, туку само патриотизам кон Македонија и кон македонскиот јазик. „Мизар“ е искрен на својот мајчин јазик затоа што тоа сме ние – рече на крајот Панта Џабазовски.
Тошо Филиповски поздравувајќи ги присутните рече дека му е драго што една негова детска фасцинација станала реалност.
– Ми успеја на „Мизар“ да им направам споменик што ќе трае, зашто „Мизар“ и нивната музика се македонската ДНК вградена во свтеската музичка ризница.Би сакал да имаме уште многу вакви причини за собирање, зашто македонската мзуика е богата и вредна. Ние имаме своја оставнина што треба да ја почитуваме – рече Филиповски.
Горазд Чаповски, лидерот на „Мизар“, врзивното ткиво на бендот во измнатите четири децении постоење, на крајот им се заблагодари на сите, а најмногу на тројцата членовите на групата – Таки, Тони и Сашо – кои веќе не се со нас.
Монографијата е отпечатена во почетен тираж од 400 примероци. Издавач е „Корпус деликти рекордс“. Преводот на англиски јазик е на Зоран Радически, а дизајнот го направи Бојан Ивановиќ. М.Т.