Занимливости

Црквата „Свети Вартоломеј“ е изградена во 12 век и се смета за ремек-дело на темпларската симболика, односно на средновековниот Ред на витезите темплари или храмовници, витешки ред основан во Ерусалим, во текот на Крстоносните војни.
Црквата се наоѓа на Пиринејскиот Полуостров, поточно во еднакво растојание на најисточните и најзападните точки на споменатиот полуостров во кањонот Рио дел Лобос. Многу векови пред пристигнувањето на витезите темплари, оваа локација имала мистично и религиозно значење за локалното население. Истражувачите веруваат дека токму поради тоа, оваа локација била избрана од страна на витезите темплари за изградба на нивната црква.
Во близината на црквата „Свети Вартоломеј“ се наоѓа варовничка пештера во која уште во античко време Старите Римјани тука го прославувале празникот Мундус Патет (празникот на мртвите) и се негувал култот на Мајката божица, односно се молеле. Според една локална легенда, во првиот век од нашата ера во оваа област пристигнал Свети Вартоломеј, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос, и на ова место го фрлил мечот од врвот на блиската планина, велејќи дека таму каде што ќе падне оружјето, таму ќе биде неговиот дом.
Истражувачите веруваат дека архитектонските елементи на црквата „Свети Вартоломеј“ намерно го одразуваат богатото религиозно минато на локацијата.

Изрезбаните мотиви им даваат почит на римските божества, како што е римскиот бог Јанус – чувар на портите и транзицијата. Во срцето на капелата, под статуата на Богородица, е врежан цвет – симбол на животот. Во текот на зимската краткодневица, цветот се осветлува од сончевите зраци што продираат преку прозорецот, кој има форма на розета и се наоѓаа на источната страна.
Архитектурата на црквата „Свети Вартоломеј“ е спој помеѓу романскиот (романика) и раниот готски стил. Црквата се наоѓа на околу четири километри од замокот Учеро. Тврдината е изградена во истиот период кога била подигната и црквата. Истражувачите веруваат дека двете градби се поврзани, односно дека тврдината била седиште на Редот на витезите темплари во овој дел на Европа. Помеѓу истражувачите постои полемика дали навистина црквата и тврдината биле изградени од темпларите, но, сепак, повеќе автори црквата „Свети Вартоломеј“ ја поврзуваат со темпларите.


Редот на витезите темплари

Редот бил основан во 12 век, по освојувањето на Ерусалим од страна на европските витези во текот на Крстоносните војни на Блискиот Исток. Религиозно-витешкиот ред е познат под името Ред на сиромашните витези на Исус и Соломоновиот храм, исто така и како Ред на витезите темплари, односно храмовници. Името го добиваат според нивното седиште во Ерусалим, џамијата „Ал Акса“, која насила била претворена во црква. Нивна задача била да ги заштитуваат европските христијански аџии во текот на нивните патувања во Палестина и Ерусалим. Биле сиромашен ред, меѓутоа со помош на папата и Католичката црква се оформиле како една од најмоќните сили во средниот век. Темпларите се стекнале со голема финансиска моќ, а повеќе автори веруваат дека се основачи на првите банки во Европа. Биле уништени од страна на францускиот крал Филип Убавиот во четиринаесеттиот век, поради преголемата политичка и финансиска моќ.