Кога ќе се случи прекин на врската или на бракот, задачите што следуваат за партнерите се многубројни: наоѓање нов дом, поделба на заедничкиот имот, преселба, промена на училиште за децата, грижа за сметки, промена на податоците во документите… Но среде хаосот и скршените срца се наоѓаат домашните миленици, кои често доживуваат занемарување. И кучињата и мачките страдаат поради новонстанатите околности, иако не можат да го изразат тоа.
Совети за тоа како треба да се однесувате кон домашните миленици за време на овој бурен животен период дава Расел Хартштајн, консултант за однесување на кучињата од Лос Анџелес. Тој ги сподели сознанијата за тоа како разводите и прекините на врските влијаат на домашните миленици и објасни што можат да сторат сопствениците на кучиња и мачки за да им го олеснат животот на своите животни.
Хартштајн го опишува разводот како трауматичен настан. Кога родителите се разделуваат, тоа е еднакво емоционално стресно и за децата и за домашните миленици, а најчести емоции се: стрес, тага и депресија. Вообичаени промени во однесувањето на домашните миленици се: недостиг од енергија, мрзливост, летаргија, почесто и подолго спиење, недостиг од апетит и други некарактеристични однесувања. Тој советува: доколку планирате да се разделите со партнерот, бидете внимателни кон вашите миленици, доколку постои обострана желба, договорете се да ги гледате и да се грижите за нив во различни денови. Ова е многу корисно не само за секој партнер, за да направи пауза од обврските, туку и за миленикот, кој треба да биде вклучен во животот на секој член на семејството. Старателството врз домашен миленик е слично на начинот на кој родителите договараат старателство врз своите деца и е многу корисно за сите вклучени. Но ако делењето на домашниот миленик не е изводливо, сопственикот што се грижи за животното треба да му овозможи многу повеќе утеха, сигурност, љубов, поддршка и внимание во текот на почетниот период на разводот и неколку недели, па дури и месеци потоа.
Обратете внимание да не ги оставате милениците премногу долго сами дома, бидејќи тие многу чувствуваат недостиг од лицето што го сакале и му биле приврзани во текот на вашиот заеднички живот. Ако еден од сопствениците го занемарувал или го малтретирал животното, миленикот ќе се чувствува подобро откако ќе исчезне лицето што не обрнувало внимание на него. Значи, ако вашиот партнер бил насилен кон миленикот, не обидувајте се да договарате посети или заедничка грижа за домашниот миленик.


































