Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (5)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Во претходната колумна ја расчистивме правната и фактичката заблуда околу сопствеништвото на кучиња: огромен дел од животните што луѓето ги „имаат“ во дворови и маала воопшто не се миленици, туку дел од бездомната популација, која останува административно невидлива, но биолошки и еколошки видлива и разорна. Токму затоа, кога зборуваме за миленици како посебна популација на кучиња, не го следиме субјективното чувство на приврзаност, туку етолошките чинители на одделеност од видот – вештачки селектиран низ генерации да живее целосно зависен од човечката грижа.
Овие кучиња миленици не се „припитомени волци“ што случајно завршиле во удобни дневни соби. Тие се резултат на генерациски, систематски селективен процес на единки од слободната популација на кучиња во насока на неотенија, хиперзависност од човекот и редукција на природните инстинкти за опстанок. Процесот е детално документиран и експериментално потврден преку познатиот експеримент со сребрените лисици на советскиот генетичар Дмитриј Белјаев, каде што единствено селекцијата на питомост и толеранција кон човекот довела до драматични промени не само во однесувањето туку и во морфологијата, хормоналниот профил и когнитивните способности на животното. Во таа контролирана студија, за седумдесет години селекција, се формирала популација со физички белези многу слични на домашните кучиња: меко крзно, вариетет на бои, спуштени уши, но исто така и однесување: мавтање на опашката во присуство на човек, лижење дланки, намалување на интензитетот на криците што ги испуштаат… Оваа студија започната во 1956 година, со својата 95. генерација на лисици, продолжува и денес во ЗОО Њујорк и е уште еден научен доказ за природните етолошки процеси при доместикација на еден вид.
Но, разликата помеѓу слободно движечко куче и миленик е далеку побиолошка и постратешка од едноставно селективно размножување.
Кај слободно движечките кучиња – оние што населуваат депонии, села и периферијата на градовите – природната селекција брутално ја елиминира слабоста. Преживува единствено оној со најразвиени инстинкти за самостојно снаоѓање, оној што најдобро лови, најдобро се организира во социјална структура независна од човекот и кој својата храна ја наоѓа самостојно. Научни студии покажуваат дека бездомните кучиња во урбаните средини развиваат специјализирани стратегии за преживување: преминување улица, избегнување возила, препознавање опасност од луѓе… таа способност e резултат на природна селекција, а не резултат на човечката воспитна интервенција.

Кај кучињата миленици, оваа пресметка е обратна. Систематски преживува и се размножува оној што најдобро комуницира со човекот, најдобро поднесува просторна и изолација од сопствениот вид, оној што најдобро ги чита човечките емоционални сигнали и најдобро ги манипулира во своја корист. Природната селекција за опстанок во природа е заменета со вештачка селекција за опстанок во домаќинство.
Неотенијата кај кучето – задржување младешки, инфантилни физички и психички одлики во возрасниот живот – одамна е научно опишана како суштинска последица на доместикацијата и селективното размножување.
Научниците Роберт и Лорен Копингер, во нивната класична студија за однесување на домашни и рурални слободни кучиња, детално ја документирале оваа адаптација: миленичкото куче, за разлика од руралното, останува биолошки „младо“ во социјална смисла, целиот живот толерирајќи социјална хиерархија, останувајќи психолошки зависно од возрасната фигура – човекот. Морфолошката неотенија – скратена муцуна, мала големина на мозокот во релација на телото – се јавува паралелно со психолошката неотенија и така креираното миленичко куче воопшто не би опстанало самостојно во природата.
Тоа модерно домашно куче што квичи и лае кога сопственикот заминува, што отвора врати со нозе, што цела недела седи под маса во болна поза зашто било на груминг или ветеринар, што физички не може да лови и што паѓа болно од најмала стомачна слабост при промена на марката на гранули – тоа е производ на вештачка селекција за човечка потреба, а не за опстанок во природа.
Миленичкото куче, правилно чипирано и социјализирано, заслужува највисок стандард на живот. Правата и одговорностите на сопственикот се јасни: редовна вакцинација, ветеринарска грижа, физичка активност, ментална стимулација, просторна безбедност, нега на кожата, крзното, забите, ушите…
Отворена врата без надзор, напуштање на животното или привидна „слобода“ да лута како бездомно куче, претставува чисто генетско осквернување на генерации биолошки неспособни животни за тој начин на живот.
Кај милениците, сопственикот е трајно референцијална точка. Кај слободното куче, социјалната структура и територијалната динамика се целосно независни од човекот.
Социјализацијата на миленикот, процесот за адаптирање на животното на човечко опкружување, е една од најважните обврски на сопственикот. Миленичкото куче мора активно да биде изложено на различни стимули, звуци, луѓе и животни за да развие разумна емоционална автономија. Процесот почнува од мала возраст и трајно се одржува. Брзо социјализиран миленик добро функционира како партнер на луѓе со различни потреби – како водач за слепи, како терапевтско животно, како полициско куче… Несоцијализирано куче развива анксиозност, агресија и проблеми во однесувањето што укажуваат дека тоа куче воопшто не е способно да функционира во човечко друштво по дефиниција.

Потребата за промена од емоционален кон научен пристап е веќе тука. Време е конечно Македонија, преку јавното здравје и еколошката политика, да ја признае разликата помеѓу овие две научно различни популации. Така ќе се создадат специфични македонски стандарди што не се препишани од западните земји, каде што, како што видовме во изминатите колумни, не постои повеќе слободно куче веќе два века. Во Македонија има потреба од стандарди базирани на нашата посебна реалност. Континуирано присуство на слободната популација надвор од населените места, модернизирана периурбана инфраструктура и растечка свест околу благосостојбата на животните и одговорното сопствеништво.
Илија Петковски
































