Кога одекнаа првите тактови на „Сонце за три светови“, песната која на некој начин му ја одбележа кариерата, настана вистинска еуфорија. Песната, еден од најголемите македонски хитови, за кој музиката ја наша Винко Мишкосвки, а текстот е на Ристо Самарџиев, Мики Јовановцки Џафер ја испеа со сите во салата
Вчеравечер во Скопје се одржаа најмалку четири големи концерти на разни локации, но најемотивниот, најавтентичниот и најраспеаниот секако беше јубилејниот концерт на ветеранот на македонската популарна музика Мики Јовановски Џафер, со кој одбележа половина век музичка кариера. Беше тоа емотивна средба, грижливо и долго подоготвувана.
Местото каде одекнаа песните од овој музички времеплов беше „Јавна соба“, каде Џафер одржа лекција по рокенрол, пред сите оние кои дојдоа со него да го одбележат јубилејот. Освен најблиските сопругата Верче и ќерките Стефанија и Миа, тука беа и неговите пријатели, голем број колеги и поддржувачи сите овие пет децении.
Имаше голем број македонски музичари од сите генерации, кои дојдоа да го испочитуваат Џафер, некои се качија на сцената и пееја и свиреа со него, посакувајќу му уште многу енергија за идни настапи, но и желба и самите да дочекаат толку значаен јубилеј.
Го придружуваа врвни музичари, со кои соработува последните шест месеци и со кои ќе ја продолжи серијата славенички концерти и во други градови во земјава: за почеток во Штип веќе на 18 април, во Струмица на 25 месецов, а битолчани ќе го слушнат на 16 мај.
За се да звучи најпрофесионално, најзаслужни се: познатите македонски гитаристи Венко Серафимов и Драган Грујевски Груле, басистот Ѓоле Максимовски, на тапани свиреше Бојан, зад клавијатурите беше Александар Никодиновски, го слушнавме и Арсо на перкашн, а придржните вокали Маја и Јуле беа на висина на задачата цели два часа, како и сите што беа дел од оваа незабоаравана вечер.
Се разбира сите бевме тука за Мики, кој пееше како во неговите најдобри години, можеби и уште подобро поради патината што на неговиот глас му ја додаде искуството. И вчеравечер тој на сите им покажа и докажа зошто во неговите гради се уште има сонце за уште три светови.
Почна жестоко, без резерва, со енергија како на почетоците на својата кариера.
Беше очигледно дека е жеден за средби со публиката, која веднаш влезе во приказната и не ги штедеше дланките. Танцуваше и пееше со него цела вечер во ритмот на изворниот рокенрол, блуз, рок, џез-рок, фанк, поп… Постојано се слушаа и извици „Браво“, имаше и врескање, како во старите добри времиња, а до сите допреа многу позитивни вибрации, иако во публиката најбројни беа оние кои растеа со песните на Џафер.
Првата песна со која ја отвори вечерта беше „Цвеќе во вазна“, а следната „Живот за еден ден“, Џафер ја посвети токму на овој ден, како и сите свои песни, за кои рече дека не се негови туку на публиката.
Прв гостин му беше клавијатуристот Симон Киселички во песната „Чудесна енергија“, а „Лага и измама“ од одличниот албум „Си заљубив“ што го сними со Венко Серафимов, ја отпеа со Пере од „Нокаут“. Саксофонистот Горан Кавраков и даде уште една посебна нота на оваа извонредна мелодија.
Инаку, Венко е автор на поголемиот дел од песните кои ги слушавме и синоќа („Под Пелистер“, „Тоа беше тоа“, „Карта во еден правец“, „Зима снегови“…), кои се снимени на нивниот заеднички албум).
Патувајќи назад во времето Мики не потсети дека една сезона бил член на „Леб и сол“, со кои ја снимил нумерата „Чудо за три дена“, што ја отпеа. Потоа со Рамиз Јусуфи-Цики, клавијатурист на групата „Лева патика“, ја изведе песна, која и денес звучи свежо „Ден сончев прекрасен“, а во придружба на гитаристот Мичо Божиков ја слушнавме „Сонце на дланка“.
Атмосферата се искачуваше кон врвот кога на сцената застанаа Апостол-Поце Икономов и Перо Камиказа од групата „Меморија“, со кои прозвуче големиот хит на групата „Автограм“ – „Одам на југ“.
Но кога одекнаа првите тактови на „Сонце за три светови“, песната која на некој начин му ја одбележа кариерата, настана вистинска еуфорија . Песната е еден од најголемите македонски хитови, за кој музиката ја наша Винко Мишкосвки, а текстот е на Ристо Самарџиев, Мики го испеа со сите во салата. Понесен од убавата енергија тој се симна и долу меѓу публиката.
По речиси два часа свирка, тоа беше официјален крај на концертот. Потоа на бис, следеше енергичната изведба, на „Јohnny be good“ на Чак Бери во верзијата на Мики насловена „Џоле бре гол“ и автобиогарфска песна „Тоа беше тоа“, исто така од албумот „Си заљубив“.
И навистина тоа беше тоа, одлично финале на ноќ полна со емоции, енергија, спомени, незаборавни песни….Без оглед на тоа дека Министерството за култура не го поддржа Мики во одбележувањето на јубилејот, без оглед на тоа дека кај нас наградите ги заобиколуваат оние што се дел од историјата на популарната музика, без оглед дека не се појави екипа на МРТ да го сними концертот, како што беше најавено…
И на крајот на оваа магична вечер уште еднаш сите ја пеевме вонвременската „Сонце за три светови“, која ете му одолева на времето, исто како гласот на Мики Јовановски Џафер.