Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бендот што ќе ме придружува на концертот во „Јавна соба“ го сочинуваат двајца врвни гитаристи: Венко Серафимов и Драган Грујевски Груле, на бас е Ѓоле Максимовски, на тапани Бојан, а зад клавијатурите ќе биде Александар Никодиновски. Придржни вокали се Маја и Јуле. Со нив соработувам веќе шест месеци и одлично звучиме. Ќе имам и гости: во песната „Сон на дланките“ гитарата ќе ја свири Мичо Божиков, соло партија во нумерата „Тоа е тоа“ ќе има Гарабет Тавитјан-Гаро, додека со Пере од „Нокаут“ ќе ја изведеме „Лага и измама“. На сцената ќе засвири и Симон Киселички, а верувам ќе има и други, зашто во публиката очекувам да видам многу музичари, вели Џафер

Мики Јовановски-Џафер, в сабота, 13 април, ќе одбележи редок јубилеј – 50 години на музичката сцена. Тоа е повод за одржување на првиот од серијата славенички концерти, што ќе се случи во „Јавна соба“ (Public room) во Скопје. Тоа ќе биде можност да се потсетиме на песните што му ја одбележаа кариерата. Концертот почнува во 21 часот, ќе го придружува одличен бенд, а ќе има и гости. Настанот ќе го сними Македонска телевизија.

Мики Јовановски-Џафер изминатиот половина век со сѐ она што го остави зад себе, членувајќи во повеќе македонски групи, но градејќи и соло кариера, остави траен белег во историјата на македонската популарна музика. Неговиот пробив кон врвот почнува во креативните 1970-ти кога како пејач, но и музичар членуваше во неколку познати македонски бендови („Солзи“, „Бангладеш“, „Мост“, „Република 903“, „Разбој“, „Леб и сол“, „Автограм“, „Бодигардс“, „Тоа е тоа“…). Неговата песна „Сонце за три светoви“, чиј автор на музиката е Винко Мишковски, првпат изведена на „Макфест“ 1993 година, остана запаметена како еден од најубавите македонски евергини, кој и денес со задоволство се слуша. Таа година, за својата изведба Џафер доби награда за најдобра интерпретација, а награден беше и текстот што го напиша Ристо Самарџиев.

Останаа запаметени и песните на кои Џафер со својот извонреден вокал им даде душа: „Лага и измама“, „Под Пелистер“, „Одам на југ“,„Мики мој“, „Посакав да пејам“, „Џоле бре гол“… За својата долгодишна кариера Јовановски е добитник на „златна бубамара за трајни вредности“.

Дали сѐ уште во градите имате сонце за три светови?

– Да, сонце што силно свети и штедро им го подарувам на сите околу мене.

Како се роди овој евергрин, што според многумина е една од најубавите македонски забавни мелодии напишани досега?

– Винко Мишковски, кој ја напиша музиката за „Сонце за три светови“, членуваше во групата „Автограм“, чиј лидер бев јас, каде беше клавијатурист. Постојано создаваше етиди, кратки музички творби и така добиваше инспирација. Еден ден ми вели: „Напишав една етида за тебе, дојди да ја слушнеш за да не ја заборавам“. Музиката ме освои на прво слушање, по што три дена и три ноќи јас и Винко бевме затворени во студио и такт по такт се созаде музиката на овој вонвременски хит. Потоа Ристо Самарџиев го напиша текстот, вистинска поезија. Песната имаше повеќе работни наслови, но за среќа на крајот дојдовме до „Сонце за три светови“. Ја пративме на „Макфест“, ја примија и потоа свој удел во нејзиниот конечен звук имаше Тоше Поп Симонов, кој тогаш беше уметнички директор на фестивалот. Аражманот беше многу необичен, уникатен, а замислете придруржните вокали ги пееше Љупчо Мирковски. За финалниот звук многу луѓе придонесоа, цел тим, зашто така се прави песна за која сите почувствуваа дека е нешто посебно. Ние музичарите сме посебна сорта, за нас големо значење имаат емоциите во сѐ што правиме.

Винко Мишковски (лево) и Мики Јовановски – Џафер/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен „Сонце за три светови“, која друга песна би ја издвоиле што ви ја одбележа кариерата?

– Секако, тоа е „Одам на југ“ од „Автограм“ и „Лага и измама“ од нашата соработка со Венко Серафимов. Всушност прва песна што ја снимивме беше баладата „Зима, снегови“, а останаа да се слушаат и „Тоа беше тоа“, „Под Пелистер“… Одлично се познаваме, а освен колеги ние сме и добри пријатели, чии муабети секогаш се движат околу музиката.

Дали талентот за музика го наследивте од некој член на семејството?

– Татко ми Иван имал оркестар на жичени инструменти „Кајмакчалан“ во Битола, а бил член и на првиот хор на Македонската опера, каде пееше и тетка ми. Уште како мал имав среќа да видам што е опера, балет, филхармонија. И мајка ми Јорданка пееше прекрасно, а членуваше во хорот „Кочо Рацин“. Сестра ми Соња, пак, често купуваше плочи и јас учев од нив. Уште како дете го слушав Нет Кинг Кол, потоа во 1960-те: Битлси, Бич Бојс, Стиви Вондер, Хендрикс, а потоа Лед цеплин, Дип парпл, Бед компани, Џино Ванели, Бенсон, Ал Џироу, па Тото… Основно училиште учев во „Н.Г. Дуња“ во Кисела Вода, каде се преселивме по земјотресот. Инаку, раното детсво ми мина во Дебар Маало. Бев добро дете, одличен ученик, активен во многу секции, а се разбира најмногу во музичката. Во средно, учев во гиманзијата „Цветан Димов“. Тогаш се заразив со вирусот „рокнерол“, а гитарата постојано ми беше под клупа.

Што никогаш нема да заборавите од тоа бунтовно време?

– Се сеќавам кога професорот по математика Младеновиќ, постави задача на цела табла и рече: „Кој ќе ја реши задачава, ќе има петка до крајот на школската година и не мора да доаѓа на часови“. Не знам што ме натера да се сконцентрирам, ја решив задачата и кренав рака. Но, почнаа да се јавуваат петкашите и си помислив дека некој од нив ќе ја лапне петката. Но не успеаја, пак кренав рака, а професорот не реагира, па претседателката на класот Наталија застана на моја страна и бараше да излезам и да се обидам да ја решам задачата. И излегов, ја решив, а професорот рече: „Точно е!“ Сепак, не добив петка, туку двојка, а јас, лут, си ги зедов засилувачот и гитарата што ми беа под клупа и излегов и уште еднаш не се вратив на час. Подоцна освен што остварив солидна музичка кариера завршив и правен факултет, оформив семејство, се вработив. Сепак, музиката се до денес има многу важно место во мојот живот. Освен што пејам, свирам на гитара и тапани и тоа сосема солидно.

Дали и денес се чувствувате како „дете на рокенролот“?

– Јас сум еден од последните Мохиканци (рокери) во Македонија. Горд сум што со моите колеги на времето ги поставивме основите на рок музиката во Македонија, иако на почетокот свиревме и блуз, фјужн… Тие 1970-ти на музички план се случи таа рокенрол експлозија во светот, која стигна и кај нас, а ние станавме деца на рокенролот. Таа љубов кај мене ете трае половина век. Има минливи ѕвездички кои сјаат кратко, но ете мојата сѐ уште блеска.

Кога се слават големи јубилеи, како вашиот, сите очекуваат тоа да се случи во некоја од поголемите сали. Зошто се решивте на помал простор?

– Амбиентот во „Јавна соба“ е интимен, целиот простор е како сцена и таму мислам дека сите што ќе дојдат, ќе се чувствуваат убаво. А за голема сала немавме во моментот средства, зашто, за жал, не добивме поддршка од Министерството за култура, нѐ одбија. Следуваат уште неколку настапи низ земјава, а летово искрено се надевам ќе има уште еден голем концерт во Скопје, за кој искрено се надевам ќе добиеме и некаква поддршка. Сепак, каде и да настапувам, за мене е битно во воздухот да има музика, а таа е околу мене целиот живот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кој ќе ја дели сцената со вас в сабота во „Јавна соба“?

– Мојот бенд го сочинуваат двајца врвни гитаристи: Венко Серафимов и Драган Грујевски Груле, на бас е Ѓоле Максимовски, на тапани Бојан, а зад клавијатурите ќе биде Александар Никодиновски. Придржни вокали се Маја и Јуле. Ова е бендот со кој соработувам веќе шест месеци. Ќе имам и гости: во песната „Сон на дланките“ гитарата ќе ја свири Мичо Божиков, соло партија во нумерата „Тоа е тоа“ ќе има Гарабет Тавитјан-Гаро, додека со Пере од „Нокаут“ ќе ја изведеме „Лага и измама“. На сцената ќе засвири и Симон Киселички, а верувам ќе има и други, зашто во публиката очекувам да видам многу музичари.

Пробите се во тек, дали сте задоволни како звучите?

– Презадоволен. Сите песни звучат свежо, како сега да се напишани. Иако стилски се различни, некако одат една со друга, бидејќи она што ги обединува е мојот глас, кој ете не старее. Јас сѐ уште имам што да кажам на сцената!