фото: „Меморија“

Групата „Меморија“, во старо-нов состав амбициозно работи на создавањето на новиот носач на звук, што треба да го очекуваме пред Нова година. На публиката веќе ѝ беше претставен синглот  „За тебе“, а деновиве беше промовиран и музичкиот колаж, насловен „Македонски бисери“, односно четири македонски патриотски песни, испеани во рок-манир.

– Станува збор за интересна преработка во која се споени четири рефрени на познати македонски народни песни со патриотска содржина. Направени како своевидно медли во која се испреплетуваат препознатливиот гитарски звук и моќните вокали кои ги пеат рефрените на познатите: „Едно име имаме“, „За многу години Македонци“, „Заветна“ и „Налеј , налеј“, создаваат една компактна целина која предизвикува морници кога ќе ја слушнете. Ваквата музичка синтеза на фрагменти од различни целини, толку совршено вклопени едни во други, предизвикува возвишено чувство кај секој патриот, кај секој Македонец кој искрено си ја сака и почитува татковината – велат членовите на „Меморија“.

Аранжманот на вака спакуваното музичко парче го потпишуваат Петар Георгиевски – Камиказа, Давор Јордановски и Мите Димовски, во чие студио „Тра ла ла“ е снимена песната. Извршен продуцент на проектот е Петар Георгиевски – Камиказа.

Во најава се уште неколку други песни, чии автори ќе бидат и дел од останатите членови на групата, со што ќе се комплетира материјалот за новиот албум. Новите песни ќе излегуваат една по една во етерот, сѐ до големиот скопски концерт кој „Меморија“ го најавува за наесен, на 16. ноември годинава на истото место како и претходниот, во арената „Борис Трајковски“.

Постарите хитови, но и новите песни ќе имаат „музичко концертно крштевање“ на 1 јуни на летната сцена во култниот „Дом на млади“ во Штип. Специјален гостин ќе биде познатиот македонски пејач, штипјанецот Трајче Манев, кој остави траен печат во македонската забавна музика сцена со своите изведби на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

Инаку, групата „Меморија“ на истата сцена во Штип настапи пред 22 години, кога беше урнат рекордот на посетеност на еден концерт на оваа сцена.

М.Т.