По големиот минатогодишен концерт на групата „Меморија“, што се одржа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, бендот реши целиот материјал да го издаде на носач на звук во вид на жив албум. И тоа во двоен формат – на ЛП-плоча и на цеде.
Кога е ЛП-плочата во прашање, се работи за вистински уникат. Имено, „Меморија“ издадоа троен албум насловен: „Меморија 2024 Live“, сместен на три ЛП-плочи. На него се ставени 21 песна изведени од бендот, зашто ЛП-форматот толку максимално собира, додека двојното ЦД содржи 25 песни од целиот концерт и во него се вклучени и изведбите на специјалните гости на концертот.

Музички продуценти на албумот се Мите Димовски и Давор Јордановски, а тон-мајстор е Евгениј Каревски. Извршната продукција ја потпишуваат Бошко Мангаровски и Христина Георгиевска, која е автор и на графичкото решение. Албумот е печатен во лимитиран број примероци, а целиот тираж е веќе распродаден.
Промоцијата на албумот „Меморија 2024 Live“ се одржа денеска во амфитеатарот на Универзитетот „Скопје“ пред пријателите и поддржувачите на групата и пред претставниците на медиумите.