Јелена Ѓоковиќ отворено за својот брак со светскиот тенисер
Јелена Ѓоковиќ, сопругата на еден од најдобрите светски тенисери, Новак Ѓоковиќ, неодамна ја отвори душата и прозборува за многу детали што ја интригираат јавноста со години. Таа гостуваше во емисија на телевизискиот канал К1, во емисијата „Кој сум за тебе, а што сум за себе“, каде што зборуваше за својот живот, за бракот, децата, навиките, исхраната…
– Кога ги родив децата, посакав да им бидам најдобар учител, па себеси се доведов до стадиум да читам како луда на темите за родителство и психологија на растењето, за развојот на мозокот, развивањето на емоциите и меѓу другото преку таа моја страст, со нашиот тим во фондацијата „Новак Ѓоковиќ“ почнавме проект токму за родители како мене што сакаат да научат повеќе од некој со поголемо искуство, но да не бидат совршени. Секогаш нѐ учеа дека децата треба да стојат на рамената на своите родители, оти треба да бидат подобри и поуспешни од нас. Јас сум мажена за личност што веќе сега е историска и мислев дека како мајка треба да измислам топла вода. Се разбира, сосема ме збуни и ме загрижи таа мисла и ме одведе до ново учење – изјави Јелена Ѓоковиќ.
Таа вели дека многу се менува во согласност со она што ѝ се случува во животот.
– Моите проблеми беа во тоа што јас сакав да ги заштитам децата, да им дадам избор самите да одлучат дали сакаат или не сакаат да бидат дел од нашиот јавен живот, кој е неопходен како последица на историскиот успех што го постигна Новак. Меѓу другото, мојот сопруг нема такви размислувања, па требаше да дојдеме до компромис. Тој пораснал во услови кога посакувал да биде сакан, славен, да стои на врвот на светот, сите да знаат за него, додека јас имав сосема поинаков сон. Јас сакав да бидам успешна жена од сенка – вели Јелена.
Таа во емисијата зборувала и за тоа каков е Новак како родител.
– Новак е навистина прекрасен татко и добро му оди тоа, но неговиот капацитет за тој вид концентрација што ја бараат децата е лимитиран, бидејќи има премногу други обврски и во тој контекст мислам дека сме одличен тим. Мене ми е големо задоволство да бидам со моите деца, а имам и помош. Јас добро знам кои се потребите на Новак и заедно со другите се вклопувам во тие околности. Новак е свесен за сето тоа. И неговите родители и неговите браќа, сите сме му подредени на тој голем светски успех – наведе таа.
Јелена дополни дека неодамна разговарале со Новак за тоа зошто таа веќе не патува со него на турнирите, заедно со децата.
– Децата пораснаа, сакаат да имаат другари, да одат во своја градинка, да имаат свои навики, свое паркче за играње, познати локации, да знаат каде се. Ним им е интересно на недела-две да отидат некаде, меѓутоа динамиката на нашите патувања главно е таква што ние ги познаваме хотелските соби, го знаеме патот до тениските терени, локалното опкружување. Новак израснал во таков свет, со таков интензитет „брејк топка, меч топка, брејк топка, меч топка…“, но ние се уморуваме гледајќи го тоа постојано, го менуваме каналот за да се одмориме. Тој е во оваа приказна постојано и кога ќе се врати дома гледа на Јутјуб и анализира што се случувало на некој друг меч, кој му е следниот противник, што прави конкуренцијата… Тој е многу посветен и голем професионалец. И јас живеев така пред да се родат децата, но ова е друга приказна во која се обидувам да навлезам и сѐ уште не го правам тоа доволно успешно. И сега многу се уморувам од патувањата, па затоа инсистирам да бидат поретки, за да бидат поквалитетни – откри сопругата на Новак Ѓоковиќ.
Јелена открива и кое место го смета за свој дом.
– Мојот дом досега беше во Монако. Но претходните две години доста време бевме и во Србија, па сега и тука имаме дом. Во странство со мене се и моите родители, сестра ми, сопругот, децата, па затоа дом е секаде каде што сме заедно, само не во хотел (ха-ха). Мене ми е потребен еден дом, но тоа не е остварливо, зашто мораме да бидеме на повеќе локации, зашто животот едноставно нѐ носи на повеќе страни – изјави Јелена.
Јелена и Новак се заедно 15 години, а ги споило тоа што се многу слични.
– Искрено понекогаш мислам дека премногу се соживеав со улогата дека сум животна партнерка на Новак Ѓоковиќ. Мислев дека постојано треба да бидам нешто посебно, а не само Јелена, а тој ме сака токму како обичната Јелена – изјави Јелена во интервјуто за каналот К1.