Јапонскиот полуостров Ширетоко е едно од местата со најбогата популација на кафеави мечки во светот. Но поради недостиг од лосос и желади, осум од десет младенчиња родени оваа година умреле од глад. Очајно барајќи риби, школки или инсекти, гладната мечка превртува карпи и бара алги на плажата на јапонскиот полуостров Ширетоко.
Оваа сцена на крајниот север на Јапонија неодамна беше забележана и фотографирана од туристички брод и ги предупреди локалните власти за сериозноста на ситуацијата со која се соочуваат младите кафени мечки поради климатските промени.
– Некои мечки се многу слаби. Ова се тешки времиња за нив бидејќи во реките нема риба, исто како и минатата година – изјави за медиумите управителот на бродот, Кацуја Нода.
Се проценува дека меѓу 70 и 80 отсто од младенчињата родени оваа година во таа област умреле од глад. За тоа придонесе недостигот од лосос, што експертите го припишуваат на зголемувањето на температурата на морето.
Покрај розовиот лосос, околу 500 единки кафеави мечки на Ширетоко, на островот Хокаидо, се хранат главно со желади. Меѓутоа, родот годинава беше мошне слаб, а згора на тоа немаа среќа ниту во риболовот.
Розовиот лосос најчесто презимува во море, а во периодот од август до октомври доаѓа до реките на Ширетоко за да се мрести. Тогаш мечките го чекаат лососот, кој плива спротиводно. Но во последниве години е забележан недостиг од риба во реките, а условите дополнително се влошија во текот на 2023 година. Во такви околности, мечките се пред два избора: или ќе пливаат во морето или ќе умрат од глад.
Научниците велат дека порастот на температурата на морето предизвикан од глобалното затоплување стои зад падот на бројот на розовиот лосос.
На пример, од средината на јули до август 2021 година, морската вода околу Хокаидо достигна 20 степени Целзиусови, што е за пет степени Целзиусови потопло од вообичаеното за тој период од годината. Јапонските истражувачи предупредуваат дека температурите на морето околу островот би можеле да се зголемат до 10 степени Целзиусови до 2090 година во споредба со нивото од 1980-тите години, доколку глобалното затоплување продолжи со сегашното темпо, пренесува „Гардијан“.