Знаменитостите на Македонија
Манастирот „Свети Ѓорѓи“ се наоѓа на нецели два км западно од селото Велушина, на едно возвишување од каде што се гледа целиот јужен дел од Пелагониската Котлина. До манастирот води тесен асфалтен пат, што овозможува многу добра комуникација со селото. Во комплексот се влегува низ големата манастирска порта, вклопена во приземниот дел на конакот, изграден јужно од црквата. Бил тешко погоден во земјотресите во јануари 2022 година, при што се забележани изронети фрески во манастирската црква, распукани тавани, ѕидови и подови, а се срушиле и делови од конаците. Исто така, се распукала и камбанаријата и повеќе не била во функција.
Храмот „Св. Ѓорѓи“ претставува релативно мала трикорабна градба поставена кон средината на манастирскиот двор. Од југоисточниот агол, црквата е надвишена со камбанаријата изведена од делкан камен. Во светилиштето се влегува низ тремовите од јужната и од западната страна. Според натписот изделкан над западниот влез, градбата била подигната во 1839 година.
Над јужниот влез, во внатрешноста на храмот, постои опширен натпис во кој се внесени важни податоци поврзани со сликањето на црквата. Во натписот се испишани сите оние што помогнале да се наслика овој свет храм. Испишана е и годината 1848 како време на изработката на живописот. Живописот бил дело на Јован Зограф, кој самиот за себе кажува дека по потекло бил од селото Хјонатон или Хјонадес, но дека оттаму се преселил во Трново. Во насликаната програма, Јован Зограф во долниот појас, вообичаено ја поставил галеријата на стоечки светители во цел раст. Во горните партии се сцените со претставите на Христовиот живот и страдања. Заслужува внимание илустрирањето на сцени од детството и Успението на Св. Богородица, како и од поетската композиција позната како Акатистот на Богородица. На темето од полукружниот свод се поставени во медалјони допојасните претстави на Св. Јован Крстител, малиот Исус обележан како Емануил, како и Христос Пантократор или Седржител.
Над иконостасот е претставено Светото Тројство, и тоа Господ Саваот, Исус Христос и Светиот Дух. Стилот на Јован Зограф е импресивен, на многу места успешно ги соединува традиционалната поствизантиска иконографија и новите решенија инспирирани од западната уметност, кои навлегуваат на нашиве простори веќе од втората половина на 18 век. Неговите композиции, како што се на пример сцените од Христовиот живот или од Акатистот на Св. Богородица, се исполнети со многу учесници, изнесени во еден раскажувачки стил, со многу детали.
Иконостасот во црквата, кој го одвојува олтарниот простор од централниот дел, е исполнет со икони работени од повеќемина зографи. Според стилските одлики, изгледа дека претставата на архангел Михаил врз вратата на северниот дел од иконостасот е дело на Јован Зограф, авторот на ѕидното сликарство. Од првата половина на 19 век е датирана и големата икона на Св. Ѓорѓи, патронот на храмот. Другите престолни икони, како и иконостасниот крст, стилски се блиски со творештвото на браќата Константин и Димитар Анастасови од Магарево. Од нив, најверојатно, се и насликаните медалјони со претставата на Благовештението врз царските двери украсени со резба. Иконите од горниот ред на иконостасот, вкупно 15, со сцени од животот на Христос, се одликуваат со една поинаква ликовна и колоритна звучност во однос на другите дела. Според Ристо Палигора, впечатокот е дека корените на овој ликовен пристап со тенденција кон идеализирање и сцени поставени во перспектива низ класицистички архитектонски форми, се инспирирани од примери на постарите западни мајстори од другата страна на Јадранот, чија уметничка филозофија била блиска на ренесансната уметност. Д.Ст.
Велушина
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 15 километри во јужна насока. На исток се простира Велушкото Поле, како дел од Пелагониската Котлина, а на запад е планината Баба. Низ селото тече Велушка Река.
Велуша како име го среќаваме уште од 15 век, а произлезено е од Вело, тоа е прв дел од сложените антропоними како што биле Велибор, Велимир, Велислав, кои претставувале старословенски форми. Вело, пак, доаѓа од морфемата „вели“, која имала значење на „голем“. „Велушин“, претставува изведено име од личното име Велуша, а со антропонимската наставка -ин. Народните преданија ги поткрепуваат ваквите тврдења. Тие говорат за некој „војвода“ што бил прв доселеник и кој му го дал името. Според нив, тој се викал Велуш.
Велушина се наоѓа во подножјето на Баба Планина. Атарот на селото Велушина се граничи со атарите на селата: на југ со селата Граешница и Лажец, на запад со селото Острец, на север со селото Канино и на исток со селата Породин и Меџитлија. Во минатото, селото со вода за пиење се снабдувало од извори и од бунари.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Реван, Црвеник, Широка Ливада, Коњарска Ливада, Голема и Мала Сименица, Тумба, Коњарски Пат, Широк Пат, Маклиње, Стари Лозја, Присој, Бежан, Црн Камен, Дупи Зленик, Стара Падарница, Завој, Граешка Стена, Голем Камен и Гарван.