Знаменитостите на Македонија

  • Хотелот „Младост“, предаден во употреба во 1977 година, беше еден од најатрактивните хотелско-угостителски објекти во Пелагонискиот Регион. За демирхисарци, тој беше повеќе од хотел – беше култно место, средиште на младешка дружба, забава и среќни времиња. Благодарение на близината до градскиот стадион, „Младост“ стана и центар на спортскиот туризам. Таму престојуваа најголемите македонски фудбалски тимови што се натпреваруваа во тогашната Прва и Втора југословенска лига

На мое големо и пријатно изненадување, овие денови, од мојот драг и долгогодишен пријател Раде 501 добив редок, речиси заборавен реверен корпоративен артефакт – спомен на една засекогаш незаборавена историја на поранешното трговско претпријатие „Младост“, кое стопанисуваше со првиот и истоимен хотел во Демир Хисар – хотелот „Младост“. Тоа е метална, колоризирана реверна значка со логото на хотелот. И тогаш кога била изработена, а и денес, речиси педесет години подоцна (1977/78), значката ја задржува својата вредност – тогаш како суптилна и оригинална „скриена реклама“, а денес како физички доказ дека компанијата навистина постоела. За нас, повозрасните, таа буди големи и незаборавни спомени од едно поинакво време.
За жал, ваквите оригинални „остатоци“ од некогашните општествени компании стануваат единствено вистинско добро и раритет. Симболите на логото на „Младост“ се особено оригинални и препознатливи. Со само два елемента – столовна чаша со црвено вино и почетната буква „М“ од името на хотелот – логото раскажува цела корпоративна приказна од своето време.
Хотелот „Младост“, предаден во употреба во 1977 година, беше еден од најатрактивните хотелско-угостителски објекти во Пелагонискиот Регион. За демирхисарци, тој беше повеќе од хотел – беше култно место, средиште на младешка дружба, забава и среќни времиња. Благодарение на близината до градскиот стадион, „Младост“ стана и центар на спортскиот туризам. Таму престојуваа најголемите македонски фудбалски тимови што се натпреваруваа во тогашната Прва и Втора југословенска лига.


Но „Младост“ не беше познат само по спортот. Тој е и дел од естрадната историја на Македонија. Во 1979 година, групата „Бисер“ од Демир Хисар го имаше својот прв настап токму таму. Подоцна, со нив настапија и своите први јавни настапи ги имаа Сузана Спасовска, Благица Павловска, Вики Среброва, како и многу познати имиња од македонската народна сцена – Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Круме Спасовски, Пеце Атанасовски, Росана Сариќ и други.
„Младост“ е приказна што заслужува многу поширок и подлабок осврт – приказна во која своите ликови и спомени ќе ги препознае една голема генерација демирхисарци што се родија, растеа и живееја со спомените поврзани со хотелот.
Како дополнителен податок за пасионираните хроничари вреди да се спомене дека претпријатието „Младост“ е продолжувач на угостителската дејност на порано многу популарниот УНАП (Угостителско народно претпријатие), под чии закрила се наоѓаа повеќе препознатливи објекти: популарната „Менза“ (на местото на денешната голема пекарница што никогаш не проработи за својата намена), старата пекарница, која и денес е активна и произведува леб на традиционален начин, како и производственото мини-погонче за популарните „оранжада“ и „кокта“ што се произведуваа според велемајсторскиот ендемски рецепт на Чичко Миќо од Вардино (од родот Солевски). Подоцна, откако фирмата го промени своето име во „Младост“ (1974 г.), ја прошири дејноста и со трговија – изградена беше продавницата „Полет“, на почетокот од демирхисарската петочна чаршија (на местото на поранешната стоковна куќа на „Меркур-Импорт“, а денес „Ангромаркет“), како и продавницата за мешана прехранбена стока „Прогрес“, лоцирана од левата страна пред пристапната патека кон хотелот „Младост“.
На крајот, да се вратам на почетокот. Денес, оваа мала реверна значка не е само предмет – таа е симбол на едно време, на една генерација и на една младост што засекогаш остана во колективното сеќавање на Демир Хисар.

Автор: Благоја Шундовски