Македонскиот бенд БДМ на 8 јули ќе настапи на еден од најголемите светски музички фестивали, „Егзит“. Ова ќе биде прв настап на БДМ во Нови Сад, а сцената ќе ја делат со некои од најголемите имиња на светската електронска музика.
Тие ќе се претстават со музиката од албумот „State of Mind“, кој го промовираа пред крајот на 2022 година, а на настапот на Петроварадинската тврдина ексклузивно ќе ја промовираат и новата песна „Synapsis“.
– Ова е голема чест, но и успех што ќе бидеме дел од артистите што ќе настапат на „Егзит“ и што можеме да дадеме придонес како македонски претставници на фестивалот. За нас, ова е еден вид награда за сиот минат труд – велат момците Бане, Мартин и Дуле.
Освен што ќе настапат на „Егзит“, БДМ се во преговори и за настапи на неколку фестивали низ Европа. Тие веќе подготвуваат материјал за нивниот следен албум, а истовремено работат и на музички соло-проекти и неколку соработки со артисти од земјава и регионот.