Варлаамов s16 век / Номоканон на Матеја Властер, 14 век

Спротивно на тоа што денес е општоприфатено како раширено површно сознание за глаголицата и кирилицата, кирилицата по налог на бугарскиот кнез Симеон (врз основа на грчкото писмо, но соодветно на гласовите од глаголицата, по принципот – една буква еден глас) ја составил Константин Преславски, откако (како што се претпоставува) Свети Климент одбил да го реформира делото на своите учители, поради што бил и прогонет, вели монахињата Екатерина од Слепченскиот манастир

Знаменитостите на Македонија

Преку презентацијата на апостолот, кој до средината на 19 век се чувал во манастирот, по што бил распарчен и отуѓен и денес се наоѓа во пет библиотеки во Украина, Русија и во Бугарија, сестринството на манастирот и отец Серафим настојуваат да го привлечат вниманието на македонското општество кон слепченската книжевна ризница. Сите страници на апостолот се откупени и се комплетирани дигиталните копии, а дополнително беше иницирана и особено важна научна дебата – зошто автентичната македонска глаголица создадена според солунскиот говорен дијалект во историјата била онеправдана, поттурната, па дури и гонета и казнувана.

Зошто било напуштено оригиналното македонско-славјанско писмо

Монахињата Екатерина истакнува дека во науката сѐ уште не е доволно разјаснето зошто оригиналното македонско-славјанско писмо било напуштено и реформирано во кирилица.
– Ако глаголицата се смета за совршен графички систем што во себе содржи длабока христијанска семиотика, со прецизни и јасни симболични форми исто како иконите, тогаш прашањето – зошто воопшто имало потреба да се реформира и приспособува ова мистично писмо-икона и кому тоа воопшто му пречело, доаѓа само по себе – нагласува монахињата Екатерина од Слепченскиот манастир.
Според неа, на ова се додава и сознанието дека Свети Климент бил протеран во Охридско, во Македонија, токму поради глаголицата и настојувањето да продолжи да го шири Кирилометодиевото дело на автентичната македонска глаголица.
– Спротивно на тоа што денес е општоприфатено како раширено површно сознание за глаголицата и кирилицата, кирилицата по налог на бугарскиот кнез Симеон (врз основа на грчкото писмо, но соодветно на гласовите од глаголицата, по принципот – една буква еден глас) ја составил Константин Преславски, откако (како што се претпоставува) Свети Климент одбил да го реформира делото на своите учители, поради што бил и прогонет – вели монахињата Екатерина
Кирилицата била протежирана од државната власт, особено за време на второто Бугарско Царство. Кнезот Симеон бил восхитен од мисијата на солунските браќа и со радост ги прифатил Методиевите ученици, но не и нивната глаголица. За него грчкиот алфабет како симбол на византиската култура бил мерило за културните вредности. Затоа тој го прифатил Кирлометодиевото книжевно наследство, но побарал надворешниот вид на писмото да се приспособи кон формите на грчкиот алфабет. За него, како што посочува монахињата Екатерина, глаголицата била нејасна, таинствена и поради тоа отфрлена.
Според неа, последните траги од глаголичното писмо се наоѓаат во Радиновото евангелие од 13 век, кое потекнува од Слепченскиот манастир, а сега се наоѓа во Збирката на Алексеј Хлудов бр. 13.

Слепченски апостол

Слепченскиот апостол претставува најстар зачуван препис на Кирилометодиевиот превод на апостолот пишуван со убаво кирилско писмо врз пергамент. Ракописот е интересен пример на византиско-словенски палимпсест, односно под словенскиот текст на апостолот, кој според палеографските особености е пишуван во 11 век, има старогрчки текст, житие на Св. Јован Златоуст на Свети Симеон Метафраст од 10 век, кој најверојатно поради неупотребливост е искористен за препис на апостолот. По содржина е полн апркосен (изборен) апостол, кој во последните 29 листа содржи месецослов, со апостолски чтенија за секој ден од годината, при што се употребени словенските имиња на месеците.
Ракописот е богато илуминиран со иницијали во геометриски и тератолошки стил од типот на т.н. народна тератологија, од кои повеќето претставуваат оригинални креации, кои според познатиот научник од областа на древната славјанска уметност, академик Т.И. Буслаев, се исклучително важни за историскиот развој на славјанскиот орнамент воопшто. Ракописот е пишуван од двајца книжевници. Едниот пишува со крупен устав благо наклонет надесно, другиот со ситен устав со исправени букви. На предавањето беше споменато за архаичниот начин на пишување на буквите: ц, л, м, и, р, к, з итн.
Монахињата Екатерина нагласува дека писмото е кирилско, односно преписот е транскрипција од глаголичниот превод на апостол на Свети Кирил и Свети Методиј, на реформираното словенско писмо – кирилица, кое е создадено од Константин Преславски на основа на грчкото писмо, односно, кон 24 -те букви од грчкиот унцијал се додадени 14 (всушност 12) букви од глаголицата, за бележење на специфичните словенски гласови што, според зборовите на Црноризец Храбар, и не можат да се пишуваат со грчки букви.


Фототипно издание на Слепченскиот поменик од 16 век

Уште еден слепченски ракопис во фототипно издание се врати во манастирската библиотека, во матичниот манастир каде што беше создаден. Станува збор за Слепченскиот поменик од 16 век, кој во 19 век бил распарчен на два дела и отуѓен од манастирот, едниот дел од страна на Бугарите и денес се чува во Софија, во националната библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“, под бр.1015, а другиот дел од ракописот заедно со познатиот патописец Виктор Григоровиќ во пролетта 1845 г. отпатувал за Одеса, Украина, и денес се чува под бројот 1/116.
Сестринството на Слепченскиот манастир, под раководство на академик Поп-Атанасов, при долго истражување на ракописот, направи анализа на сите личности што манастирот ги спомнувал во 16 век и претходно. Покрај охридските архиепископи, во поменикот се споменуваат и ктиторите на манастирот – царот Михаил Осми Палеолог и благоверната царица Теодора.
Од поменикот беа анализирани и илјадници имиња на монаси и мирјани, како и топоними од нивното потекло од целата диецеза на Охридската архиепископија. Сестринството веќе долги години работи на репатријација на отуѓеното ракописно наследство на манастирот и до денес во дигитална форма се повратени околу 200 ракописни книги пишувани од слепченските монаси во славниот Слепченски скрипториум на Охридската архиепископија.

Украсно Слепченско евангелие , 16 век