Во книгата „Носиите на различните народи во светот“ од 1581 година се претставени три жени во традиционална македонска носија. На една од илустрациите во споменатата книга може да се видат Македонка што е облечена во долга и широка наметка, благородничка од Александрија облечена во наметка со пердувчиња и извезена туника и жена со турбан од Македонија. Покрај многубројните особености на носиите што може да се забележат, посебен впечаток оставаат женските обувки со потпетица, кои се видливи кај жената со турбан од Македонија
Знаменитостите на Македонија
Во Европа првите книги на кои се претставени носии се појавуваат во текот на 16 век. Тие се широкораспространети, ценети и собирани, а еден од најзначајните и најрани примери е книгата „Носиите на различните народи во светот“ („Habitus variarum orbis gentium“). Во споменатиот труд има 67 носии, кои илустрираат 182 народносни стила на облекување. Станува збор за раскошна публикација, но и една од најстарите книги во кои се претставени носиите на народите низ светот. Таа била објавена од Жан Жак Боасар, плочите биле изгравирани од Јулиус Голциус, чиј потпис стои на седмата плоча. Оваа публикација вклучува носии на благородници, граѓани, куртизани, вдовици и селани од Венеција и другите поголеми градови во Италија, Баварија, Швајцарија и Франција и неколку области од Османлиската Империја, вклучувајќи ја и Македонија.
На една од илустрациите можеме да забележиме македонска носија, односно три жени во македонска носија, видени во целост. На крајната лева страна е претставена млада Македонка облечена во долга и широка наметка, во центарот е забележлива благородничка од Александрија облечена во наметка со пердувчиња и извезена туника, а на крајната десна страна е претставена жена со турбан од Македонија.
Главна карактеристика на македонската носија е везот
Главна карактеристика на македонската носија е везот со раскошни и геометриски шари, срма и плетенки, како и накитот изработен од метал, сребро, монистра и плодови од природата. Како карактеристичен украс особено на женските носии најмногу се везеле кошулите и покривките за глава. Везовите се развивале и негувале на целата територија од Македонија. Во нивниот колорит доминира црвената боја, иако се застапени зелената, жолтата и темносината. Карактеристика на македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви. Македонскиот народен вез јасно сведочи за творечката оригиналност на неговиот создавач – македонската жена. Жените ги изработувале носиите од почетокот до крајот, почнувајќи со предењето на суровините и бојосувањето на преѓата. Преѓата е конец најчесто изработен од волна, но може и од памук и лен. Потоа следувале изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето до украсувањето и китењето. Во кроењето на деловите од носиите, машки и женски, кошули, здолништа, елеци и кецели, најчесто се користеле волна, коноп, лен и памук, а само побогатите користеле свила.