Мегапопуларната „Мајнкрафт“ веќе е позната како најпродаваната игра на сите времиња, а сега ја мина границата од 300 милиони продадени примероци.
– Како што се приближуваме до нашата 15-годишнина, „Мајнкрафт“ останува една од најпродаваните игри на сите времиња, со повеќе од 300 милиони продадени копии. Тоа е резултат за кој никој не можеше да сонува кога ги поставивме првите блокови – рече Хелен Чианг, извршна директорка на компанијата „Мојанг студиос“.
Оваа информација беше објавена за време на настанот во живо „Мајнкрафт лајв 2023“, кој откри информации за новости и новитети, а исто така имаше и гласање наменето за играчите, кои можеа да изберат нови суштества за играта. Оваа година имаше избор помеѓу рак, армадило и пингвин.
Бројките што ги постигна „Мајнкрафт“ се неверојатни. Да речеме дека најпродаваниот музички албум „Трилер“ на легендарниот Мајкл Џексон продаде 70 милиони примероци, а најпродаваната конзола за игри Плејстејшн 2 достигна 155 милиони продадени единици. Втората најпродавана игра на сите времиња „Гранд тефт ауто 5“ е продадена во 185 милиони примероци.