Реките во Пакистан, Боливија и во Етиопија се меѓу најзагадените во светот, додека реките во Исланд, Норвешка и прашумите на Амазон се меѓу најчистите

Загадувањето на реките на светско ниво со медицински и фармацевтски производи претставува закана за животната средина и здравјето на луѓето, покажа новото истражување на универзитетот „Јорк“ во Велика Британија.
„Парацетамол“, никотин, кофеин и лекови за епилепсија и дијабетес се споменати во истражувањето, кое е најмасовно спроведено досега на глобално ниво. Реките во Пакистан, Боливија и во Етиопија се меѓу најзагадените во светот, додека реките во Исланд, Норвешка и прашумите на Амазон се меѓу најчистите.
Меѓутоа, влијанието на многу вообичаени фармацевтски соединенија во реките сè уште е релативно непознато, иако е откриено дека растворањето на човечките контрацептиви може да влијае на развојот и репродукцијата на рибите, а научниците стравуваат дека зголеменото присуство на антибиотици во реките може да ја ограничи нивната ефикасност како лекови.

Четвртина од 258 реки содржат активни фармацевтски состојки

Во истражувањето биле земени примероци од вода од повеќе од илјада локации во 100 земји и се открило дека повеќе од четвртина од 258 реки содржат активни фармацевтски состојки присутни во количества што се сметаат за небезбедни за водните организми.
– Ги земаме овие хемикалии, кои имаат одредени посакувани ефекти врз нас и потоа ги напуштаат нашите тела. Меѓутоа, дури и современите ефективни третмани за прочистување на водата не се во можност целосно да ги разградат овие соединенија пред да завршат во реките или езерата – вели авторот на истражувањето д-р Џон Вилкинсон за „Би-би-си“.
Двата најчести лека се „карбамезепин“, кој се користи за лекување епилепсија и нервни болки, и „метформин“, кој се користи за лекување дијабетес. Исто така, откриени се високи концентрации на „прехранбени производи“, како кофеин и никотин, како и „парацетамол“, кој се користи за болки. „Артемисинин“, лек против маларија, е пронајден во високи концентрации во Африка.
– Можеме да кажеме дека влијанието на присуството на такви лекови во реките е веројатно негативно, но потребни се индивидуални тестови. Од друга страна, истражувањата се релативно мали. Ситуацијата само ќе се влошува кога ќе ја зголемиме употребата на фармаколошки решенија за секоја болест, физичка или ментална – вели Вероника Едмондс-Браун од Универзитетот во Хертфордшир за „Би-би-си“.

Реките во Нигерија и во Јужна Африка најзагадени

Во извештајот се наведува дека зголеменото присуство на антибиотици во реките може да доведе до развој на резистентни бактерии, кои би ја нарушиле ефикасноста на лековите и на крајот би претставувале глобална закана за животната средина, но и за глобалното здравје.
Најзагадени се реките во земјите со ниски и средни приходи и во областите каде што имало испуштање отпадни води, односно каде што има лошо управување со отпадните води и фармацевтскиот отпад.
– Реките во Нигерија и во Јужна Африка се многу загадени со лекови, а причината е недостигот од инфраструктура за прочистување на отпадните води. Ова е особено загрижувачко затоа што ги имате најранливите популации со најмал пристап до здравствена заштита – истакнува д-р Мохамед Абдала, вонреден професор на Универзитетот во Бирмингем.
Д-р Вилинсон смета дека се потребни многу фактори за да се подобри состојбата, а меѓу нив е и правилната употреба на лековите. Тоа значи дека би требало да биде потешко да се набавуваат лекови, како што се антибиотиците, и дека дозите треба да бидат построго ограничувани.