ШЕЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ОД „СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ“
Во Кинотеката на Македонија беа одбележани 65 години од „Солунските атентатори“ (1961), историско-акциониот филм на режисерот Живорад Жика Митровиќ, реализиран во продукција на „Вардар филм“. Ова остварување зазема значајно место во историјата на македонската кинематографија.
Дејството нè враќа во Солун во април 1903 година. Група македонски социјалисти, млади луѓе од Велес, кои живеат и студираат во Солун, решаваат преку координирани напади врз објекти поврзани со странскиот капитал да ѝ го привлечат вниманието на светската јавност кон положбата на Македонија под османлиска власт. Филмот ги следи нивната опасна акција, идеалите што ги водат и подготвеноста да се жртвуваат за својата кауза.
Овој легендарен македонски филм за момчињата што сакаа да ѝ го свртат вниманието на Европа кон проблемите на македонското население, кое тогаш се наоѓа под османска чизма, е аманет да ги паметиме овие жртви. И никогаш да не заборавиме како била распарчена Македонија. Филмот го одбележува овој настан што ја потресе цела Европа на почетокот на минатиот век.
Во почетокот на 20 век, Македонија и натаму се наоѓа во ропска положба под власта на Отоманската Империја. Како одговор на теророт на кој е изложен македонскиот народ, се пројавуваат низа различни начини на реакција, како што се организираните чети комити, подготовката за востание, а меѓу другото и акциите на гемиџиите во Солун. Сакајќи да ѝ го привлечат вниманието на светската јавност врз Македонија, гемиџиите, група македонски анархосоцијалисти, синови на богати трговци што се под влијание на руската нихилистичка литература и идеите на женевските анархисти, во април 1903 година решаваат да извршат низа напади на објекти во Солун, во кои е инвестиран странски капитал. Целта на овие напади се францускиот брод „Гвадалкивир“, Отоманската банка, Електричната централа, поштата.
Оружјето со кое се подготвуваат да ги извршат своите акции Коста Кирков, Орце Поп-Јорданов, Илија Трчков, Павел Шатев, Димитар Мечев, Пингов и Иван Попов го обезбедуваат, меѓу другото, и преку трговската фирма на Кирков. Подготовките се вршат во голема тајност, но власта сепак претпоставува одредени терористички напади. Најголем проблем претставува рушењето на Отоманската банка, меѓу другото и поради можноста да настрадаат недолжни луѓе. За ден на нападите е одбрана ноќта на карневалските свечености кога во објектите одбрани за акција нема луѓе. Акциите се извршуваат синхронизирано и во нив, како што претходно беше решено, гинат повеќето од учесниците, свесно жртвувајќи го својот живот за иднината на слободна Македонија…
Во филмот настапуваат Александар Гавриќ, Драган Оцокољиќ, Дарко Дамевски, Истреф Беголи, Марко Тодоровиќ, Стево Спасовски и Петре Прличко, меѓу другите. Сценариото е на Јован Бошковски, а режијата е на Живорад Жика Митровиќ.
На Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 година, филмот ја добил традиционалната награда на публиката „Јелен“. Сценографот Диме Шумка бил награден со специјална фестивалска диплома, а режисерот Митровиќ добил признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм. В.Д.
Филмот е дигитално реставриран годинава
Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ во режија на Жика Митровиќ премиерно беше прикажан на отворањето на фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“ во септември годинава во Кинотеката на Македонија.
Филмот е најновото издание на Кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови што е една од заложбите на Кинотеката за зачувување на македонското филмско наследство.
































