На просторот на денешно Валандово во античко време постоела римска населба, за што сведочат откриените римски мозаици и други археолошки материјали во разните делови на градот. На подрачјето на општината Валандово биле откриени четириесет археолошки наоѓалишта, меѓу кои позначаен е античкиот град Исарот, кај селото Марвинци, кој се идентификува со древниот град Идомена, чие потекло било од крајот на 5 век пред нашата ера и се наоѓал на патот Солун-Белград. Градот доживеал процут во римско време, но во почетокот на 6 век бил разурнат од силен земјотрес
Дедели – некропола од железното време
Дедели е археолошко наоѓалиште во валандовското село Дедели. Претставува некропола од железното време. Се наоѓа на повеќе локации низ селото, односно на 6 км од Валандово и околу 10 км од Дојранско Езеро, од левата страна на патот Валандово-Стар Дојран, на последните југозападни расклоненија на Беласица. На неколку пункта во неговиот атар се откриени гробови групирани во посебни целости, како еден вид родовски некрополи. Една таква група од шест гроба била откриена уште во времето на Првата светска војна, во 1917 година, и тоа високо над селото, во т.н. линија на Солунскиот фронт.
Од 1978 до 1986 година се вршени систематски ископувања на група гробови во месноста Мелезник, како и по јужниот раб на селото. Притоа се откриени 91 гроб, од кои само оние од Мелезник претставуваат наполно истражена целост со 75 гроба. На јужниот раб на селото се истражени 11 гроба, два кај селското училиште и уште три гроба на различни места во приватните дворови. Во сите нив погребувањето е скелетно, во конструкции цисти, освен во два, кај селското фудбалско игралиште, во кои погребувањето е извршено во питоси. Откриени се примери на погребувања по неколкупати во една гробна конструкција, како и различни појави во рамките на погребните обичаи. Гробните прилози претежно се стандардни, пред сѐ во зависност од категоријата на покојникот. Керамиката е изработена на колце од пречистена окер печена глина, орнаментирана со ленти изведени со темноцрвена мат боја. Доста е унифицирана и се јавува главно во облик на бокал, со косо засечен врат и како длабок филџан со една или две вертикални држалки, кои претставуваат основна гарнитура кај секое погребување.
Од накитот преовладуваат бронзените форми на висулци, фибули, игли, накит за околу вратот (торквеси), за на рацете, за околу појасот и сл. Оружјето и орудијата се изработени главно од железо, а доминираат копјата, ножињата и предметите од т.н. тоалетна гарнитура (брич, пинцета и острило од камен). Врз основа на типолошките одлики кај гробните прилози и воопшто врз основа на културните и хронолошките вредности на сите откриени археолошки појави е утврдено дека деделската некропола служела за погребување во текот на втората половина на 7 век до почетокот на 6 век пред нашата ера. Во текот на овој краток временски интервал населението, кое тука ги погребувало своите мртви, живеело бурен и интензивен живот и остварило мошне брз економски и културен просперитет, благодарение на подемот на металургијата како основна стопанска гранка. Етнокултурната определба на населението е без сомнение јужнопајонска, со реални можности деделската заедница да се поврзе со историски познатите Дерони. Наодите од ископувањата се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје
Стакина Чешма – населба од римското време
Стакина Чешма е археолошко наоѓалиште во Валандово. Претставува населба од римското време. Наоѓалиштето лежи на 50 метри јужно од центарот на градот, од двете страни на суводолицата што се спушта кон Анска Река. Во 1973/1974 година Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата извршил заштитни ископувања со кои биле отворени шест простории со подни мозаици. Во една од нив била најдена мермерна када. Подоцна, од 1987 до 1990 година, истражувањата на објектот ги продолжил Музејот на Македонија. Откриени се уште четири нови простории со подни мозаици, обработени во опус сецтиле и опус тесалатум, а исто така и полукружен базен обложен со мермерни плочки. Ѕидовите се градени од кршен камен и варов малтер. Границите на објектот не се дефинирани. Меѓу подвижните наоди најмногубројни се фрагментите од керамички садови и ламби, а потоа предметите од бронза и железо. Најдени се и монети од Лициниј, Константин Први и Констанциј Втори. Се смета дека станува збор за голем објект, можеби палата, подигната во доцниот трети или раниот четврти век, која претставува дел од комплексот со луксузни градби пронајдени во самиот град Валандово.
Исар Кале – градиште од доцноантичкото време
Исар Кале, познато и како Маркова Кула или само Кулата, е археолошко наоѓалиште во Валандово. Претставува градиште од доцноантичкото време и средниот век. Наоѓалиштето лежи на 1,8 км северозападно од градот, на височинка што доминира над околината, каде што се гледаат остатоци од одбранбен бедем, а по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, градежен материјал и монети. Д.Ст.