Алори останува запаметен како италијански сликар на портрети и религиозни теми во 17 век. Роден е во Фиренца, а првите часови по сликарство ги добива од својот татко Александро Алори. Незадоволен од напорните анатомски цртежи и ладните бои му станал ученик на Грегорио Пагани, еден од најистакнатите претставници на доцната фирентинска школа, која се одликувала со обединување на богатите венецијански бои и фирентинската посветеност на деталите.
Уште како млад станал дворски портретист за моќната и влијателна фамилија Медичи. Кристофано Алори е еден од најголемите претставници на маниризмот, односно доцната ренесанса, а како стил во европската уметност се појавил во подоцнежниот период на италијанската висока ренесанса.
Неговите дела се одликуваат со блиската поврзаност со природата, деликатноста и техничкото совршенство. Неговите технички вештини се видливи во неколкуте копии од делата на Антонио да Кореџо, за кои во минатото се верувало дека се создадени од раката на самиот Кореџо.
Негово најпознато дело е „Јудит со главата на Холоферн“. Постојат најмалку две верзии на ова дело, едната се наоѓа во Британската кралска колекција и е создадена во 1613 година, а втората е од 1620 година и се наоѓа во Фиренца. Од втората верзија постојат и неколку други копии. Историчарите на уметноста веруваат дека модел за Јудит била неговата поранешна љубовница, а главата на Холоферн е автопортрет. Обезглавувањето на Холоферн е библиска тема, убавата вдовица го убила асирискиот генерал што сакал да го уништи нејзиниот дом, градот Бетулија.
Симболизира итрина, храброст и верба во бога, неопходни доблести во борбата за слобода против секој угнетувач.
Кристофано ги нагласува убавината на хероината, нејзината кожа и квалитетот на нејзината облека, во спротивност со ужасот на обезглавената глава. Јудит изгледа горда на својот акт и сигурна во божјата заштита. Оваа библиска тема била многу популарна во Фиренца благодарение на бронзената скулптура на Донатело од 1494 година.