Песни што ме тераат да играм
Ги има, па ќе ги снема. И така со децении. Чиниш тоа е Невидливиот човек со неговите моменти на видливост и невидливост. Кога е видлив, знаеме, се гледа што прави, кога е невидлив, не знаеме. Дали во тој период кога се невидливи се наоѓаат на ридовите на Тибет, во некој будистички храм или, пак, во некоја византиска црква недостапна за сите, каде што во себе ја впиваат севековната тајна низ севкупната позната и непозната историја, па потоа преработена, дотерана ни ја прикажуваат нам, на обичните смртници? Или, едноставно, животот ги меле и немаат време за такви возвишени нешта, па собираат парчиња од старите песни, текстови, малку ќе ги доработат, ќе викнат нови музичари (од самиот почеток постојан член е само лидерот Горазд Чаповски), кои ќе внесат свежина, нова идеја, ќе ја обојат во темно и, оп, ќе издадат нов материјал. Иако сето тоа речиси секогаш е составено од македонски музички народни мотиви, старословенско пеење, византиска хорска музика, зачинето со некоја темнина, театралност, мистерија, но спакувано во рок-обвивка.
Во секој случај, последното откровение на „Мизар“ (не знам дали е шесто, седмо или осмо) пред некој ден го најави нова песна насловена „Псалм 135“, како увертира на новиот албум што би требало да излезе набрзо. Во меѓувреме почнуваат турнеја низ просторите на поранешната наша земја. Почетокот на турнејата беше секако во Скопје, па Белград и следен е Загреб. Скопскиот концерт се одржа на 15 декември во МКЦ, во прекрасна продукција на Зоки (ЧувДеЧув). Полно е. Има мешана публика од разни генерации. Гледам лица што не сум ги видел одамна, но не се облечени во таа дарк-униформа од пред триесет и нешто години. Целата сцена и атмосферата некако се темни, не знам дали штедеа на струја, но имаше моменти кога сѐ беше темно, само понекој темноцрвен или зелен сноп светлина над „Мизар“. Излегуваат на сцена, со две бас-гитари, тапани, гитара, клавијатури, два придружни вокала, новиот пејач, можеби имаше уште некој, но беше мртва темница, не можев да видам. Интро, па новата песна „Псалм 135“, каде што новиот пејач одлично вокално се снаоѓа, а тоа што е оперски пејач, кој во себе ја носи театралноста на неговата работа, даде посебен печат. Се редат „Униније“, „Дождот“, „Девојка од бронза“, „Градот е нем“, „Почесна стрелба“, „Златно сонце“… Момците чесно си го тераат концертот, гледам Горазд е задоволен, одлично го води бендот. Има таму еден лик на клавијатури (Принц), кој е и придружни вокал, кој дава посебен белег на целата атмосфера, фантастично го бои и дополнува звукот. Придружните вокали од Хармонисими одлично се снаоѓаат и во стариот и во новиот материјал, но главниот пејач не ги доловува доволно старите песни, му фали автентичноста на двајцата Горановци. Двата баса и тапанарот ја даваат основата, цврсто, темелно.
Публиката го доби она што го очекуваше, потсетување на едно време поминато многу одамна, кога во оваа иста сала публиката заедно хорски пееше некои од песните на „Мизар“. Времето кога сето ова имаше некој смисла, беше нешто ново, возбудливо, тајно, магично, кога носеше и одредена порака, создавајќи одреден култ почитуван и слушан од поголема публика. Но дали денес сето тоа сѐ уште има таква длабочина, суштина, структура, моќ, магичност? Љупчо Давчев