На 15 декември (недела), во 20 часот во МКЦ во Скопје, ќе се одржи концерт на култната македонска група „Мизар“. Декември е месецот кога ќе започне интензивна концертна активност на групата, со концертите во Скопје и во Белград, а ќе продолжи и во 2025 година со гостувања во регионалните балкански центри.
Годинава беше реиздадено винилното издание на нивниот легендарен истоимен прв албум, од страна на матичниот издавач „Хелидон“, а набрзо следува и реизданието на вториот албум „Svjat dreams 1762-1991“. Групата работи на својот нов албум и за почеток веќе може да се чуе првата песна од него, „Псалм 135’“.
На концертот во Скопје, „Мизар“ ќе настапи во состав: Горазд Чаповски / гитара, Пеце Китановски / бас, Илија Стојановски / бас-процесор, Принц / клавијатури, придружен вокал, Драган Теодосиев / тапани, Нико Ѓоргиевски / вокал, перкусии, хармосини / вокали: Сава Булатович, Христијан Моневски (виола, кларинет, флаута, лира). Еминентниот музички новинар Драган Амброзиќ во својот осврт кон реизданието на првиот албум на „Мизар“ деновиве напиша:
„Мизар се претвори во трајно регионално добро. До денес остана бенд што е во постојана потрага за суштината, бенд што поставува прашања, а не некој што нуди лесни одговори! И денес целосно во тренд со најсвежите планетарни изданоци на дарквејв-групи“.