Протеините го поттикнуваат чувството на ситост, го забрзуваат метаболизмот и помагаат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта, што ги прави важен сојузник во борбата против вишокот килограми. Експертите откриваат колку протеини треба да се консумираат дневно за оптимални резултати. Во суштина, губењето и добивањето тежина зависат од рамнотежата помеѓу калориите што ги внесувате и калориите што ги согорувате. Многумина избираат да бројат калории, но фокусирањето на протеини може да биде уште поефикасен пристап. Една од клучните причини е тоа што протеините имаат силен ефект врз ситоста.
Во споредба со јаглехидратите и мастите, протеините нè одржуваат сити подолго време. Исхраната богата со протеини ги зголемува нивоата на хормони што го потиснуваат апетитот – како GLP-1, пептид YY и холецистокинин – додека ги намалува нивоата на хормонот што го стимулира гладот грелин.
– Протеините се познати по својот квалитет на ситост, односно по способноста да ве натераат да се чувствувате сити подолго време по оброкот. Ова се случува благодарение на одредени хормони што се активираат кога јадеме протеини и кои му сигнализираат на мозокот дека е постигната ситост – објаснува Витни Линсенмер, доцент по исхрана и диететика на Универзитетот „Сент Луис“, за „Евери хелт“.
За разлика од мастите и јаглехидратите, протеините имаат поголем термички ефект – што значи дека телото троши повеќе енергија за да ги вари. Имено, процесот на варење на протеините согорува дури 20-30 отсто од внесените калории, додека тој процент за јаглехидратите е 5-10 отсто, а за мастите само 0-3 отсто. Затоа консумирањето соодветно количество протеини не само што ви помага да се чувствувате сито туку може да ви помогне и побрзо да согорувате калории, што е од суштинско значење за слабеење. Протеините исто така имаат позитивен ефект врз стабилизирањето на нивото на шеќер во крвта, особено кога се консумираат наместо рафинирани јаглехидрати.
– Поголемото внесување протеини може да придонесе за подобра гликемиска контрола при замена на рафинирани јаглехидрати во оброците – вели Линсенмер.
Комбинацијата од протеини и влакна во исхраната го продолжува чувството на ситост, спречува ненадејни скокови на гликозата и може да помогне да се избегне прејадување. Исто така, исхраната богата со протеини го стимулира ослободувањето хормони што ја подобруваат чувствителноста на инсулин, што е особено важно кај лица со прекумерна тежина и предијабетична состојба.