„Опен АИ“ ги објави резултатите од големото истражување

Компанијата „Опен АИ“, создавач на ЧетГПТ, објави прво детално истражување за тоа кој најмногу го користи популарниот четбот и на кој начин го применува. Резултатите даваат увид во тоа како изгледа секојдневната комуникација на луѓето со вештачката интелигенција.
Според извештајот, поголемиот дел од корисниците се жени, а најголемиот дел од разговорите немаат врска со работа. ЧетГПТ е особено популарен меѓу младите и речиси половината од анализираните разговори се однесуваат на корисници на возраст помеѓу 18 и 25 години. Студијата од 64 страници – која ја спроведе Економско-истражувачкиот оддел на „Опен АИ“ и ја објави како работна верзија при американската Национална канцеларија за економски истражувања – се базира на повеќе од 1,5 милион пораки, кои 130.000 корисници ги испратиле помеѓу мај 2024 и јуни 2025 година.
Индустријата на вештачка интелигенција, како и технолошкиот сектор генерално, традиционално има тенденција кон машката популација. Но истражувањата покажуваат дека ЧетГПТ има глобална и разновидна корисничка база. Додека во првите месеци на популарноста (кон крајот на 2022 и почетокот на 2023 година) дури 80 проценти од корисниците имале типично машки имиња, до јуни 2025 година тој тренд се променил: 52 проценти од корисниците сега имаат женски имиња, наведуваат истражувачите. Студијата исто така покажува дека бројот на корисници расте побрзо во посиромашните отколку во побогатите земји, иако не е наведена детална анализа по држави. „Опен АИ“ проценува дека ЧетГПТ денес има повеќе од 700 милиони корисници неделно.