Животни
Кога повеќето луѓе се одлучуваат да чуваат домашно милениче, се одлучуваат за куче или мачка, а дебатата за тоа кој од овие два вида животни е поинтелигентен е омилена тема на нивните сопственици. Љубителот на кучиња ќе застане на нивна страна, додека љубителот на мачки сугерира дека мачките се попаметни. Сега и научниците се приклучија на оваа дискусија.
По спроведеното истражување, тие објавија дека кучињата имаат околу 550 милиони неврони во мозокот, додека мачките околу 250, пишува порталот „Ворлд кет фајдер“.
Тоа би значело дека кучињата се попаметни од мачките, но одговорот не е толку едноставен. Кога зборуваме за различни животни, можеме да очекуваме различни нивоа на интелигенција, но тоа би можело да биде доста тешко да се одреди. Бидејќи животните се различни и создадени за различни цели, многу е тешко да се спореди нивната интелигенција.
На пример, кучињата можат да се обучуваат да прават многу работи, но тие се главно зависни од луѓето, додека мачките, од друга страна, се поспособни да се грижат за себе. Дали ова значи дека нашите мачки се попаметни од кучињата?
Луѓето ја поврзуваат интелигенцијата на животните со тоа колку е лесно да се тренира некого. И мачките и кучињата се паметни на свој начин, во зависност од тоа што треба да направат. Ако сакате да споредите што е подобро, автомобил или мотоцикл, ќе сфатите дека имаат некои сличности, но невозможно е да се споредат бидејќи се создадени за различни цели.
Кучињата се познати по тоа што се лесни за дресирање, што потоа покажува дека се попаметни. Меѓутоа, можно е да се обучуваат и мачките, само треба да го имате вистинскиот пристап.
Научниците заклучија дека е невозможно точно да се одреди кој е попаметен, бидејќи не постојат универзални инструменти за мерење на интелигенцијата кај овие два вида животни, но тие велат дека и двата вида поседуваат значително количество интелигенција и токму затоа луѓето ги избираат за свои верни четириножни пријатели.