Покрај популарниот епитет магарешка, големата кашлица понекогаш се нарекува и 100-дневна кашлица поради должината на симптомите, иако нападите во подоцнежните фази се поретки и неспоредливо послаби
Големата кашлица (пертусис), кај нас позната и како магарешка, може да ја добие секое дете, а особено се загрозени доенчињата и децата до петгодишна возраст. Иако како симптом често може да биде вознемирувачка, важно е да се знае дека големата кашлица е всушност еден вид заштитен механизам.
Зошто се јавува големата кашлица и како се пренесува?
Големата кашлица е вид респираторна инфекција што најчесто е предизвикана од бактеријата бордетела пертусис. Постојат неколку фактори или предизвикувачи што можат да ја предизвикаат нејзината појава, меѓу нив се: вируси, бактерии, ненадејна промена на температурата на вдишаниот воздух, положба на телото, земање некои лекови, интензивни мириси, срцева болест, консумација на крцкава храна (во некои ситуации може да ја иритира слузокожата на хранопроводникот).
Се пренесува преку капки, а просечното време на инкубација е десет дена. Инфективноста се намалува со текот на времето и е највисока во периодот блиску до крајот на инкубацијата. Големата кашлица е сезонска инфекција, а појавата е типична за летниот период, иако може да се појави во секое време од годината. Заштитниот ефект се состои во тоа што телото на таков начин се обидува да „исфрли“, односно да елиминира потенцијален извор на инфекција, со што предупредува дека нешто се случува во телото.
Врз основа на кои симптоми постои сомневање за голема кашлица
Според Центарот за контрола и превенција на болести, големата кашлица може да се дијагностицира кај оние луѓе што континуирано кашлаат повеќе од две недели, со задушување и нагон за повраќање. Големата кашлица понекогаш може да трае и до шест недели.
Симптомите се карактеристични: тешки напади на кашлање, црвенило на лицето, отекување на очните капаци, промени на кожата поради стрес (вени, црвенило, чешање), страв, цијаноза (сина боја на кожа), бледило, ладна пот, малаксаност и замор, недостиг од апетит.
Кај потешките форми на болеста, можно е и губење на свеста со конвулзии.
Дијагнозата се потврдува врз основа на присуството на бактеријата бордетела пертусис и ПЦР-тест. Се проверува нивото на ИгМ и ИгА-антителата против оваа бактерија, а се зголемува бројот на леукоцити и лимфоцити, со што се потврдува борбата на организмот против инфекцијата.
Како се лекува големата кашлица и дали може да се лекува без антибиотици?
Големата кашлица се лекува со пропишување антибиотици доколку се работи за бактериска инфекција, потоа антитусици и спазмолитици. Лекови што понекогаш се користат за потешки форми на болеста се кортикостероидите. Ретко може да има потреба од терапија со кислород. Иако се мислеше дека оваа болест е искоренета поради условите за живот и вакцинацијата, за жал, тоа не е точно. Процентот на заболени е повеќе од значително намален благодарение на редовната имунизација, што е препорака на СЗО за децата од училишна и предучилишна возраст.
Симптоми по фази на оваа состојба
Првата фаза е таканаречената катарална фаза. Трае до втората недела, а симптомите се: вообичаени за грип или настинка со течење на носот, кашлица и температура. Следната фаза е задушување, која заедно со кашлицата може да трае и до шестата недела. Тоа е придружено со напади на постојана, но периодична кашлица, како резултат на искашлување слуз. Нападите можат да бидат испровоцирани со физичка активност, а се јавуваат почесто кога телото се смирува и е во лежечка положба, навечер. Меѓу симптомите, можен е и недостиг или запирање на протокот на воздух во белите дробови (апнеја), како и сина боја на кожата (цијаноза). Закрепнувањето може да потрае уште шест-десет недели без терапија.