Интелигенцијата може да се мери на различни начини. Некои веруваат во тестовите, други, пак, поголемо внимание ѝ придаваат на емоционалната или социјална интелигенција. Исто така има нешто и во достигнувањата. Да се биде интелигентен не е исто со користењето на паметот за создавање нешто уникатно, со кое ќе се унапреди човештвото. Сепак, со користење на сите критериуми што денес се на располагање, направена е листа на најинтелигентните луѓе во историјата. Иако тестирањето на коефициентот на интелигенција е развиено дури на почетокот на 20 век, со дополнителни студии е проценета интелигенцијата на некои позначајни луѓе од минатото. Генерално, секој што на ова тестирање има коефициентот на интелигенција над 140 се смета за генијален.
Вилијам Сидис (1898-1944)
Американско чудо од дете, чиј коефициентот на интелигенција наводно бил меѓу 250-300, што е можеби највисок измерен досега. Имал извонредни способности за математика, се запишал на „Харвард“ на 11 години и тврдел дека знае 40 јазици. Професорите предвидувале дека младиот Сидис ќе стане најголем математичар на 20 век. Меѓутоа, кај Вилијам, кога пораснал, како да се скршило нешто. Ја напуштил науката, се занимавал со услужни дејности и имал проблеми со законот.
Џудит Полгар (1976)
Унгарската шаховска велемајсторка Џудит се смета за најдобра шахистка на сите времиња. Го соборила рекордот на светскиот шампион во шах Боби Фишер и станала велемајсторка на 15 години. Нејзиниот коефициентот на интелигенција изнесувал 170.
Филип Емагвали (1954)
Нигериски пронаоѓач и научник, наводно со коефициент на интелигенција од 190. Прогласен е за „најголем африкански научник на сите времиња“.
Теренс Тао (1975)
Кинез роден во Австралија, некогашно чудо од дете, чиј коефициент на интелигенција се движи од 220 до 230. Работи како професор по математика на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес, САД.
Клеопатра (68 – 30 пр. н.е.)
Како последен фараон на птоломејскиот Египет владеела со земјата речиси триесет години. Течно зборувала пет јазици и имала коефициент на интелигенција од околу 180. Клеопатра, исто така, била позната по љубовните врски со Јулиј Цезар и со Марко Антониј.
Сриниваса Раманујан (1887-1920)
Индиски математичар што дал голем придонес во областите како што се теорија на броеви, континуирани дропки и бесконечни низови, наспроти тоа што немал никакво формално образование по математика. Неговиот проценет коефициент на интелигенција бил 185.
Гари Каспаров (1963)
Ерменски Евреин, многумина го сметаат за најголем шахист на сите времиња, со коефициент на интелигенција од 190. Бил играч број еден на светот речиси две децении, освојувајќи првпат светско првенство со само 22 години.
Аријабхата (476 – 55)
Тој е, веројатно, првиот индиски математичар и астроном. Ја пресметал вредноста на бројот пи и ја развил употребата на нулата.
Волтер (1694 – 1778)
Волтер, всушност, е негов псевдоним, бидејќи е роден како Франсоа-Мари Аруе. Бил водечка личност на француското просветителство со коефициент на интелигенција од 190 до 200. Бил духовит писател, историчар и филозоф.
Хипатија (350-70 – 415)
Грчка математичарка, астрономка и филзофка. Живеела во Египет, а подоцна во Источното Римско Царство. Се смета за прва жена математичар со проценет коефициент на интелигенција од 170 до 190. Обвинета е дека била вештерка и брутално убиена од страна на група христијански фанатици.
Јохан Волфганг Гете (1749-1832)
Германски ерудит, со забележани достигнувања во науката. Се смета за еден од најголемите таленти во западната книжевност. Неговиот проектиран коефициент на интелигенција бил 213.
Авицена наречен Ибн Сина (980 – 1037)
Персиски ерудит што се смета за еден од најважните мислители на златната доба на исламот. Пишувал за филозофијата, медицината, астрономијата, алхемијата, логиката, математиката, физиката, психологијата и друго.
Галилео Галилеј (1564 – 1642)
Еден од најзначајните научни херои на сите времиња. Дал значаен придонес во разни области, од астрономијата, преку физиката до математиката и филозофијата. Поради залагањата за хелиоцентризам, односно теоријата дека Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно, римската инквизиција го означила како еретик. Неговиот коефициент на интелигенција бил 180-200.
Готфрид Вилхелм Лајбниц (1646 – 1716)
Уште еден германски ерудит – филозоф и математичар, кој е најпознат по инфинитензималното сметање. Неговиот филозофски труд е познат по заклучокот дека сме живееле во најдобриот можен универзум што господ можел да го создаде. Неговата интелигенција се движела од 182 до 295.
Никола Тесла (1856-1943)
Познат светски научник, пронаоѓач и футурист, познат по откривањето на наизменичната струја, Теслиниот калем, безжичниот пренос на енергија, „зракот на смртта“, како и по предвидувањето на паметните телефони, дроновите и други технологии. Неговиот коефициент на интелигенција се проценува на 195.
Сатиендра Нат Бозе (1894-1974)
Индиски физичар, чиј брилијантен труд на квантната механика со Алберт Ајнштајн резултирал со Бозе-Ајнштајн статистиката. Хипотетичката елементарна честичка бозон го добила името по него.
Марија Кири (1867-1934)
Полска физичарка и хемичарка. Била прва жена што добила Нобелова награда и тоа двапати. Ја развила теоријата на радиоактивност (сама го создала тој термин) и открила два елемента (полониум и радиум). Нејзиниот коефициент на интелигенција се проценува на 180-200.
Конфуциј (551 – 479 пр. н.е.)
Влијателен кинески филозоф и учител, познат по популарните афоризми. Неговите морални и политички учења имале длабоко влијание низ источна Кина. Некои нови научници тврдат дека голем дел од она што го знаеме за Конфуциј е мит.
Алберт Ајнштајн (1879-1955)
Тој е, веројатно, најпознатиот научник на светот во сите епохи. Ја развил општата теорија на релативноста, а Нобелова награда за физика добил во 1921 година. Ајнштајн имал револуционерно влијание на науката. Неговиот коефициент на интелигенција е проценет на 160-190.
Вилијам Шекспир (1564-1616)
Се смета за најголем писател на англиски јазик и за еден од најпопуларните и најпочитувани светски драмски писатели. Со приближен коефициент на интелигенција од 210, Шекспир напишал многу дела, а неговите класични драми се изведуваат и денес.
Платон (427 – 347 пр. н.е.) и Аристотел (384 – 322 пр. н.е.)
Грчки филозофи што имале големо научно влијание во средниот век. Платон бил клучна личност на западната наука, математиката и филозофијата, а напишал и низа познати дела како „Република“. Аристотел му бил ученик на Платон, бидејќи бил дел од Платоновата атинска академија повеќе од 20 години. Коефициентот на интелигенцијата е проектиран на 180-190.
Исак Њутн (1642 – 1726)
Англиски физичар и математичар, најпознат по откривањето на гравитацијата. Еден од најславните и највлијателни научници на сите времиња. Неговиот коефициент на интелигенција е проценет на 193. Неговата книга „Филозофија натуралис принципиа математика“ е темел на класичната механика.
Леонардо да Винчи (1452-1519)
Италијански ренесансен уметник, кој се истакнал и во други области, од науката, преку сликарството и вајарството, до изумителството. Неговата слика „Мона Лиза“ е најпознатото уметничко дело на светот. Коефициентот на интелигенција на Да Винчи, кој се смета за еден од најталентираните уметници на светот, бил околу 200.