Филмот „КОДА“, каде што глумат неколку лица со оштетен слух, е филмот на годината на годинашното доделување на „Оскарите“. Освен главното признание за најдобар филм, глумецот Трој Коцур стана второто лице со оштетен слух во историјата воопшто – добитник на „oскар“ (споредна улога), точно 35 години по неговата колешка од новиот филм – Марли Матлин, а пак Сијан Хедер ја доби статуетката за прилагодено сценарио.
Научнофантастичната сага „Дина“, од американската Академија за филмска наука и уметности доби најмногу – шест „oскари“ од можни 10 номинации, меѓу кои и одличјата за монтажа, визуелни и звучни ефекти.
„Оскарот“ за главна женска улога отиде кај Џесика Честејн, за филмот „Очите на Теми Феј“. Ова е прв нејзин „oскар“.
Вил Смит пак, го доби своето прво вакво одличје за најдобар глумец за улогата во „Кралот Ричард“, па во говорот, со солзи, сепак говореше за љубовта меѓу луѓето – посебно меѓу „својот народ“, наспроти омразата и нетрпеливоста.
Признанието за најдобар режисер отиде кај Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“. Филмот доби само еден „oскар“ од рекордните 12 номинации.
За најдобра женска споредна улога е прогласена Аријана Дебоуз („Приказната од Западната Страна).
Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е „Вози го мојот автомобил“ (од Јапонија).
Најдобра филмска песна е „Но тиме то Дие” во изведба на Били Ајлиш за истоимениот филм „Џејмс Бонд 007: Не е време за умирање“.
Најдоброто оригинално сценарио го има филмот „Белфаст’, режиран и напишан од Кенет Брана.
Најдобар анимиран филм е „Енканто“.
Минута молк за Украина
Церемонијата на доделувањето на „Оскарите“ беше прекината поради едноминутно молчење за Украина, со порака на екраните во која се повикува на помош на оваа земја изложена на руска агресија.
На екраните беше емитувана порака во која се повикува на момент на молк за поддршка на „народот на Украина кој моментално се соочува со инвазија, конфликт и предрасуди во нивните сопствени граници“.
Во пораката се додаде дека на милиони семејства им е потребна храна, лекови и вода за пиење, а гледачите се повикуваат да испратат хуманитарна помош.
„Ве повикуваме да ја поддржите Украина на кој било начин“, гласеше пораката со хаштаг #StandWithUkraine.