Ново истражување утврди дека квалитетот на пивото се влошува и дека пивото во баровите ќе поскапи поради климатските промени.
Експертите сметаат дека може да се очекува раст на цените на пивото на европскиот континент во наредните години поради падот на приносот на хмељ. Тие напоменаа дека сушите директно ќе се одразат на квантитетот и квалитетот на хмељот. Тоа е состојка што на пивото му дава препознатлив вкус и мирис.
Истражувањето, кое беше објавено во научното списание „Нејчр комјуникејшнс“, заклучи дека има пад на квалитетот и квантитетот на традиционалниот ароматичен хмељ низ цела Европа. Приносот на хмељ од 2021 до 2050 година би можел да биде помал од 12 до 35 проценти, и тоа во сите значајни европски области во Европа каде што се одгледува хмељ.
Намалувањето на производството на хмељ најмногу ќе се почувствува во Словенија, Португалија и во Шпанија. Одредени делови на Европа произведуваат цитрусни, цветни и овошни вкусови што се популарни во Велика Британија.
Авторите на истражувањето заклучија дека земјоделците ќе мора да најдат начин да се приспособат и да го ограничат влијанието на топлината врз посевите.
– Со оглед на тоа што сушите во Јужна и Централна Европа многу веројатно ќе бидат уште полоши, областа каде што се одгледува хмељ ќе треба да се прошири за 20 отсто во споредба со сегашната површина за да се компензираат загубите – се наведува во извештајот.
Во извештајот е забележано дека половина од земјиштето во Европската Унија летово е погодено од суша и дека тоа сериозно го зголеми притисокот врз производството на храна, пренесува „Скај њуз“.