Кина гради речиси двојно повеќе капацитети за соларна и ветерна енергија од сите други земји во светот заедно, покажа новото истражување. Втората по големина светска економија испушта најмногу стакленички гасови што ги забрзуваат климатските промени. Кина вети дека ќе го достигне врвот на емисиите на јаглерод до 2030 година и ќе ги намали на нето нула до 2060 година. Во последните месеци Кина беше погодена од неколку екстремни временски настани што климатските промени ги прават сѐ поинтензивни.
Кина во моментов гради 339 GW капацитети за обновлива енергија, вклучувајќи 159 GW енергија од ветер и 180 GW соларна енергија. Тоа е „речиси двојно повеќе од остатокот од светот заедно“, според истражувањето на „Глобал енерџи монитор“, американска невладина организација. Тоа ја става земјата далеку пред второпласираните САД, кои градат само 40 GW, според извештајот.
Кина започна подготвителни работи за изградба на една третина од капацитетите на енергија од ветер и сонце во споредба со глобалниот просек од само 7 проценти.
Сепак, мора да се признае, тоа е придружено со некои недостатоци. Енергетската мрежа на Кина се потпира на електроцентрали на јаглен кога побарувачката за енергија расте и има тешкотии да ја транспортира обновливата енергија произведена во оддалечените северозападни региони до економските центри на исток. Но вкупниот капацитет на кинеската ветерна и соларна енергија треба да го надмине јагленот оваа година, според извештајот.
Брзиот развој на обновливите извори на енергија ги зголемува надежите дека емисиите на јаглерод во Кина ќе го достигнат врвот порано од очекуваното. Во посебен извештај на Центарот за истражување енергија и чист воздух се наведува дека Кина повеќе не издава нови дозволи за фабрики за челик на јаглен во првата половина на 2024 година. Тоа е првпат на полугодишна основа да не се издаваат нови дозволи откако Кина објави две цели за емисиите на јаглеродот во септември 2020 година. Двете цели се однесуваат на врвни емисии на јаглерод до 2030 година и јаглеродна неутралност до 2060 година.