Црвената Планета е „тивка и мирна“ од мај минатата година. Меѓутоа, неодамна Жанг Ронгчиао, главниот дизајнер на мисијата на Марс, го откри статусот на роверот во обраќање на кинеската државна телевизија.
Се премолчуваше со месеци, но сега се знае што всушност се случува. На соларните панели се акумулирало големо количество прашина и песок, што го спречило создавањето енергија. Тоа значи дека роверот можеби го дочекал својот крај на Марс и повеќе нема да биде функционален.
– Не воспоставивме комуникација со роверот откако замина во хибернација. Го следиме секој ден и веруваме дека не се разбудил, бидејќи сончевата светлина сè уште не го достигнала минималното ниво потребно за генерирање енергија – рече Жанг.
Роверот е во хибернација подолго од очекуваното, па дури и орбиталната сонда на НАСА не може да открие никакво движење на роверот од септември 2022 година. На 18 мај 2022 година роверот влезе во хибернација за да ги издржи ледените услови на Марс во текот на зимата, каде што температурата паѓа до минус 125 степени. Сепак, тој е дизајниран на таков начин што може да продолжи да функционира автономно кога температурата се зголемува во декември и кога собира доволно сончева светлина за да генерира енергија. Роверот автоматски се буди кога ќе се исполнат два услова – кога ќе собере повеќе од 140 вати енергија и кога температурата е минус 15 степени или повисока.
Покрај тоа, тој е дизајниран да ја истресува прашината користејќи вибрации, но дури и таа активност бара сончева енергија. Смртоносните бури од прашина донесоа прашина и песок на соларните панели, така што тие не можат да генерираат енергија.
И покрај сѐ, роверот сепак го надмина очекуваното времетраење на мисијата од три месеци додека ја истражуваше Црвената Планета повеќе од 358 дена и патуваше речиси 1.921 метар. „Журонг“ беше дел од кинеската амбициозна мисија „Тијанвен 1“, која наедно е и прва меѓупланетарна мисија на Кина. Роверот слета на Марс во мај 2021 година. Станува збор за возило тешко 240 килограми, кое е опремено со шест научни инструменти и топографска ХД-камера. Целта на мисијата беше да се истражат површината на планетата, нејзината почва и атмосферата. „Журонг“ исто така барал знаци на живот, подземна вода и мраз на Марс.