Кичевската коњаница на својот пат до илинденско Крушево тргна од селото на големиот војвода Јордан Пиперката кон селото Велмевци, патем посетувајќи ги селата Белица и Прострање. Утрото гостопримливите домаќини во селото Белица ѝ приредија на коњаницата свечен пречек со појадок во црковната трпезарија од црквата „Свети Ѓорѓија“. Традиционално, коњаницата патем го посети и споменикот на војводата Јордан Пиперката и неговите соборци. Коњаницата ќе го заврши денот во селото Сопотница, каде што и ќе ноќева.
– Коњаницата пристигна во селото Велмевци, од каде што се упати во месноста Церешна, каде што се поклони пред споменикот на големиот војвода Јордан Пиперката и неговите соборци. Коњаницата преку Суво Поле и Брезово се упати кон Сопотница, каде што беше организирана комитска вечер, а за доброто расположение на гостите беше задолжена групата на Марко Трпчевски – истакна војводата на Кичевската коњаница, Мите Мечоски.
Во изминатите дваесетина години Кичево е вистински крстопат на коњаниците што патуваат кон илинденско Крушево.
Коњаницата „Пресвета Богородица Пречиста“ се состои од 20 коњаници, а своето патешествие го започна од манастирот по кој го носи името, каде што беше отслужена света божествена литургија, по која коњаниците положија заклетва и го избраа годинешниот војвода на коњаницата Мите Мечоски, жител на Кичево, кој ја предводи коњаницата до завршувањето на Илинденскиот марш.
Долгогодишниот член на коњаницата Станоја Станојоски истакна дека во коњаницата има и три девојки, од Кичево, Гостивар и Демир Хисар.
– Најмлад учесник на коњаницата е Анамарија Андреска од Демир Хисар, која со своите 14 години вторпат е дел од оваа коњаница, а учеснички се и Викторија Ѓурчиноска од Кичево и Андреа Данилоска од Гостивар – додаде Станојоски.
Андреска нагласи дека воопшто не се чувствува инфериорно во однос на машките коњаници, бидејќи од мали нозе јавала коњ, затоа што нивното семејство отсекогаш поседувало најмалку еден коњ што служел за земјоделски работи и снабдување со дрва од шумата.