Многумина од нас се чувствуваат изолиранo од светот, барем одвреме-навреме, а и психотерапевтите не се исклучок. Во следните редови откријте како психотерапевтите и нивните колеги од сродни области си ги олеснуваат ваквите моменти.
Признајте си себеси како се чувствувате
Со осаменоста, како и повеќето чувства и состојби, не можете да се справите без признавање.
– За мене, осаменоста е сигнал дека е време да ја препознаете сопствената ранливост и да побарате помош. Самото именување на нашите чувства е првиот чекор во справувањето со она што нè мачи – вели личниот тренер Никол Вилегаз.
Обратете им се на блиските
Семејната терапевтка и брачна советничка Моника Одали вели дека кога е тажна и осамена им пишува на блиските пријатели, а кога е можно, се среќава со нив во живо.
– Многу ми помага моите чувства и искуства да ги насочам кон други. Дополнително, навистина ми е интересно и важно да откријам како се чувствуваат луѓето што ми се блиски и како можам да ги поддржам – вели таа.
Психотерапевтката Анџела Амиас, пак, вели дека не мора да се дружите само со луѓе што веќе ги знаете. Не пропуштајте ја можноста да запознаете нови луѓе. Нека биде многу краток разговор, кој може да се покаже како лековит. Постои дури и студија што покажува дека разговорот со странци го подобрува вашето расположение до крајот на денот. Затоа бидете љубезни и отворени, и со касиерот во продавницата и со оние што стојат на ред со вас за кафе.
Запишувајте го она што го чувствувате
Амиас исто така вели дека нејзиното чувство на осаменост често е знак дека изгубила контакт со себе. Затоа таа го користи дневникот како противотров.
– Си правам кафе, го земам омиленото пенкало, забавувам, се слушам себеси и тоа функционира! – вели Амиас.
Излезете на прошетка
Дополнително, Амиас и нејзините колеги потсетуваат колку лековит може да биде престојот во природа. Дури и ако времето не е погодно за долги прошетки, корисно е барем накратко да ја напуштите куќата, да дишете свеж воздух, да се движите – ова е гаранција за подобро расположение.
Правете ментални вежби
Чувствувајќи се одвоено од луѓето и светот, психотерапевтот Кит Ек обично изведува едноставна вежба за свесност.
Мислам на сите оние луѓе што моментално се во мојот крај, маало, град. Потоа одам малку подалеку и размислувам за сите луѓе во мојата земја, потоа на континентот и на крајот во светот. Мислам на сите нив – живеат, дишат, полни со надеж, стравови и аспирации. За фактот дека тие, како мене, сакаат некого и изгубиле нешто – вели тој.
Според Ек, целта на оваа вежба е да го потсети на милиони луѓе што моментално го доживуваат истото како него. Тоа му помага да се чувствува помалку осамено.
Побарајте ја причината
– Осаменоста не е занемарливо искуство, а еднакво е важно да се разберат нејзините причини – вели социјалниот педагог Данита Моралес Рамос.
Според неа, таквите причини можат да лежат и во сегашноста и во минатото, па дури и во иднината.
– Секогаш се прашувам што го предизвика моето чувство на осаменост и изолација од сите, а потоа одлучувам што можам да направам во врска со коренот на проблемот. Со менување нешто во вашата сегашност, понекогаш можете да го промените вашиот став кон искуството од минатото. Ако мојата состојба е предизвикана од вознемиреност за иднината, се обидувам да се приземјам и да се вратам на состојбата овде и сега – советува Моралес.
Научете нови работи
За психотерапевтот Џејсон Дрејк, омилен метод за справување со осаменоста е да го окупирате својот мозок со нешто ново и интересно.
– За време на пандемијата, како и многу други, целосно ја префрлив мојата пракса на интернет и сфатив дека би било добро да ја оптимизирам страницата. Најдов експерт, организирав приватни часови и 12 недели по ред учев нови работи, ги применував во пракса. Како резултат на тоа, мојот ум беше постојано зафатен, страницата стануваше сè попрактична. И едноставно немаше време да мислам дека морам сам да ја надминам изолацијата – вели Дрејк.
Грижете се за внатрешниот дијалог
Дрејк додава дека ние сме склони да размислуваме повеќе за лошото отколку за доброто, тоа е наша природа, инаку едноставно не би преживеале.
– Поради тоа, ние имаме тенденција да гледаме на нашите животи во мрачна светлина. Кога сме осамени, се чини дека секогаш ќе биде така. Во овие моменти особено е важно да се потсетиме дека тоа не е така, дека покрај нас биле и сигурно ќе бидат блиски луѓе, кои нѐ поддржуваат и разбираат – истакнува психотерапевтот.