Фото: „Нова Македонија“

Денеска најголемиот дел од светот го одбележува 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Уште од самиот почеток денот е повод да се повика на поголеми права на жените и социјална еднаквост, вклучувајќи и еднаков политички статус, почнувајќи од правото на глас.

Првично Денот на жената бил одбележан во САД

Меѓународниот ден на жената е ден за одбележување на економските, политичките и социјалните достигнувања на жената и зборува за потребата од постигнување целосна еднаквост во сите сегменти на општеството. Тоа стана повод да се прослави она што жените го постигнаа во општеството, политиката и економијата. Се организираат собири и протести за да се истакне сè уште преовладувачката нееднаквост.
Првично Денот на жената бил прославен во Њујорк, САД, на 28 февруари 1909 година, под името Национален ден на жената. Организатор на настанот била Социјалистичката партија на САД. Тоа била идеја на Тереза ​​Малкиел (1874-1949), работничка активистка, писателка и борец за правата на жените, како што тогаш се нарекувала, често омаловажувачки, суфражетка.
Малкиел е заслужна за реформирањето на Законот за работни односи на државата Њујорк. Нејзиниот есеј од 1909 година „Како стоиме со прашањето за жената?“ влијаел на тогашната јавност. Таа исто така систематски се борела против расната сегрегација, под болните впечатоци од она што го видела во јужните држави на САД. Во подоцнежната фаза таа главно му се посветила на образованието за возрасни.

Различни датуми на прослава

Во 1910 година во Копенхаген, Данска, за време на Меѓународната социјалистичка конференција, која се одржала во пресрет на Втората социјалистичка интернационала, се појавила иницијатива да се прославува Денот на жената редовно, секоја година. Сто делегати од 17 земји го усвоиле предлогот. Намерата била да се промовира еднаквоста. Тогаш особено била нагласена потребата од еднакви политички права, право на глас и право на избор. Иницијатори биле претставничките на германските социјалисти Клара Цеткин, Катинка Данкер и Пола Тиде. Во тоа време, сепак, датумот на кој ќе се слави Денот на жената не бил конечно одреден.
Подоцна било истакнато дека датумот на Меѓународниот ден на жената е избран за да се обележи протестот на текстилните работници во Њујорк на 8 март 1857 година, што најверојатно е случајност. Следната година Денот на жената се прославил во неколку земји, најмногу во Централна Европа, во Германија, Швајцарија, а исто така и во Данска.
Најмасовните манифестации тогаш биле во Австро-Унгарија, каде што наводно се одржале околу 300 митинзи. Со транспаренти во Виена, на Рингштрасе, се славела Париската комуна од 1871 година. Во 1911 година Денот на жената се прославувал на 19 март. Конфузијата околу датумот продолжила. На пример, во САД е прифатена последната недела од февруари. Во 1914 година во Германија Денот на жената бил прославен на 8 март. Најверојатно тоа било случајност, бидејќи денот погодно се паднал во недела. Во Британија меѓу водечките промотори на Меѓународниот ден на жената, како и на правата на жените воопшто, била Емили Панкхерст, познатата суфражетка, а уште повеќе нејзината ќерка Силвија. Двете биле уапсени и осудени во повеќе наврати.
Во Русија Денот на жената првпат се прославил во 1913 година, во последната сабота од февруари. Бидејќи официјален календар во Царска Русија бил јулијанскиот, прославата всушност се паднала на 8 март според грегоријанскиот календар. Оттаму всушност доаѓа конечното усвојување на тој датум. Во 1917 година на 8 март започнал штрајкот на текстилните работници во Петроград.