Фото: Пиксабеј

Растенијата развиле свои форми на комуникација низ милиони години еволуција. Тоа се главно биохемиски, физиолошки и еколошки механизми со кои тие реагираат на околните растенија. Тоа одредува кои растенија се добри, а кои се лоши соседи. Таквата хемиска комуникација меѓу растенијата се нарекува алеопатија. Тоа е способност на растението да ослободува супстанции преку корењата, лисјата или гниењето што го инхибираат (запираат) или го стимулираат растот на други растенија.

Преку биохемиска сигнализација, еволутивна селекција и микробиолошка интеракција, растенијата создаваат средина што им одговара и која може да биде поволна или неповолна за другите растенија. На пример, анасонот и црниот орев лачат супстанции што го инхибираат растот на повеќето од нивните соседи. Рогачот, жалфијата, пелинот – имаат алеопатски ефекти што го попречуваат ’ртењето на други растенија. А ’ржта може да ослободи супстанции што ги потиснуваат плевелите. На пример, мешунките (грав, грашок) ја збогатуваат почвата со азот, па затоа се добри соседи за растенија што консумираат многу азот (на пр. зелка). Но гравот може да им наштети на пиперките бидејќи поттикнува габични инфекции во почвата.

Некои растенија привлекуваат корисни инсекти што опрашуваат и ги штитат другите растенија, ги одбиваат штетниците со мирис, секрети или изглед. На пример, босилек со домати или пиперки – мирисот ги одбива белите мушички и го подобрува вкусот на плодот. Коренот од невен лачи супстанции што ги одбиваат нематодите и привлекуваат корисни инсекти. Пиперките го сакаат друштвото на морковите, кои ја подобруваат структурата на почвата и не се натпреваруваат за простор. Пиперките исто така добро одат со босилек, кој го подобрува вкусот на плодот на пиперката и ги одбива мувите и комарците. Оригано или мајоран исто така им одговараат, бидејќи, како босилекот, го поттикнуваат здравјето и ги одбиваат штетниците. Најлошо е да се садат пиперки со грав или грашок, кои го спречуваат растот на пиперките поради хемиско мешање. На зелката, кељот, брокулата им се потребни слични хранливи материи, па можат да ја осиромашат почвата. Анасонот е алеопатско растение, кое им штети речиси на сите свои соседи.