Можеби веќе ви е познато сценариото повторно и повторно да се откажувате од диетата и да се враќате на неа секој понеделник или секој први во месецот. Зошто се појавува таквиот проблем и зошто е толку тешко навикнувањето на здрава исхрана? Луѓето често се откажуваат од здравата исхрана или не се придржуваат до диетата затоа што поставуваат нереални цели, следат многу рестриктивни, непроверени диети или поради недостиг од толеранција за фрустрација додека негираат краткорочно задоволство за да постигнат долгорочни промени. Воспоставувањето здрави навики бара време, а трпението и доследноста се многу важни во тој процес. Покрај големиот број придобивки што ги има здравата исхрана, важно е да го насочите вниманието на негативните страни на диетата, особено денес, кога често се шират непроверени совети за исхраната, понекогаш дури и од непрофесионални луѓе.
Постојаното фокусирање на ограничувањата може да доведе до нездрав однос со храната и потенцијално да предизвика или да ги влоши нарушувањата во исхраната. Покрај тоа, притисокот за постигнување одредени телесни стандарди преку диета може да придонесе за развој на негативни мисли и чувства за сликата за сопственото тело, што влијае на целокупната ментална благосостојба. За конечно да се соочите со овој проблем и да пристапите кон исхраната на вистински начин, потребно е да примените неколку корисни совети.
Пред да започнете диета или да се префрлите на здрава исхрана, важно е да се консултирате со експерти (нутриционисти, диететичари, лекари, терапевти и професионални инструктори за фитнес). Една од стратегиите што може да помогнат при воспоставување соодветна диета е да се фокусирате на помали, одржливи промени со текот на времето, наместо на драстични промени и ограничувања. Само така можете да постигнете промени на долг рок и да излезете од маѓепсаниот круг на диети што ќе ги започнувате одново и одново, а кои нема да донесат резултати.