Божиќната звезда (Euphorbia pulcherrima) е совршен подарок за Божиќните празници, бидејќи е специфична и препознатлива по тоа што цвета околу Божиќ. Со своите преубави цветови таа ќе го разубави вашиот дом за празниците. Но за да уживате во нејзината убавина треба правилно да ја негувате.
Најчесто божиќното цвеќе го купувате расцветано, но кога ќе паднат неговите црвени листови и ќе прецвета, треба да го преместите во малку постудена просторија и ретко да го полевате со мала количина вода. По периодот на мирување, ова цвеќе ќе биде подготвено за новата сезона ако добро го негувате.
Додека цвета, растението треба да го чувате во малку постудена, на температура од 12 до 14 степени Целзиусови, затоа што во потопла брзо ќе прецвета. Добро е да е на најсветлото место (на прозорецот) и на влажен воздух.
Кога ќе прецвета, односно кога ќе ѝ отпаднат црвените листови, можете да го префрлите во малку постудена просторија. Најпогодната температура е од 10 до 12 степени.
Кога ќе ги отфрли листовите ќе започне фаза на мирување.
Во април растението треба да се пресади во свежа, хранлива земја со 15 отсто чист речен песок. Кога ќе го пресадувате цвеќето, добро е гранчињата да ги скратите на должина од околу 10 сантиметри. Местото каде што сте го исекле запрашете го со дрвен јаглен или запечатете го со восок од запалена свеќа, за да не истече млекото. Ако истече млекото од растението, тоа нема да може повторно да процвета.
На пресаденото растение обезбедете му светлина и топло место, во близина на прозорец или на самиот прозорецот. На почетокот налевајте го внимателно. Кога ќе почне да пушта нови гранчиња и ливчиња залевајте ја обилно и тоа секогаш со млака вода.
Кон крајот на јуни можете да ја изнесете надвор на сончево место. Со оглед на тоа дека растението е во полн раст, секои 15 дена треба да го потхранувате.
До есен тоа ќе пушти цврсти гранчиња. Кога ќе настапат постудените денови, растението треба да го внесете во потопла просторија, со полна светлина на прозорецот.
Божиќната звезда е растение со краток ден, што значи дека цвета кога денот е пократок од 12 часа. Ако просторијата каде што е сместено растението се осветлува подолго од 12 часа нема да процвета.
Поради тоа, цвеќето мора да го чувате во соба во која „денот е пократок“ се додека не се развијат црвените листови.