Исхраната со намирници што содржат повеќе влакна, како што се леб од цело зрно, интегрални тестенини, мусли, јаткасто овошје и мешунки, ќе го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања и прерана смрт, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација.
Авторите на извештајот за СЗО истакнуваат дека тоа се добри вести, но не се во согласност со модерните диети во кои се инсистира на помало внесување јаглехидрати. Истражувањето го водел д-р Џим Ман од новозеландскиот универзитет „Отаго“, кој е заслужен што во насоките на СЗО значително се намалија препорачаните количества за внесување шеќер. Шеќерот е лош јаглехидрат, додека влакната што се наоѓаат во лебот од житарки со цело зрно и житарки и мусли од овес се добри јаглехидрати. Затоа, диета што радикално ги отфрла јаглехидратите, дури и оние што богати со влакна, кои, како што тврдат научниците, спасуваат животи, треба да се избегнува.
Во истражувањето се наведува дека секое лице дневно треба да внесува најмалку 25-29 грама влакна, со напомена дека 30 и повеќе грама би било уште подобро. Повеќето од светската популација внесува помалку од 20. Меѓу оние што јаделе најмногу влакна, смртноста од сите причини се намалила од 15 до 30 отсто во споредба со лицата што консумирале исклучително малку влакна, а ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2 и рак на дебелото црево бил помал за 16-24 отсто.