Вечерва, од 19.30 часот, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „75 за 75“. Авторка на проектот е Каролина Мицевска. Ќе бидат изложени 75 фотографии на платно, а ќе бидат претставени претстави што оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“, кој оваа година одбележува 75 години од постоењето.
– Tеатарот „Војдан Чернодрински“ 75 години опстојува и ќе опстојува, раскажувајќи ни за минатото, сегашноста, но фокусирајќи се на иднината. Од сите уметности само театарот е директен посредник со публиката и затоа ни е насушно потребен. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет, „да стои како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, на секој век во историјата – со неговиот неразубавен облик…“. А нашиот театар, навистина низ децениите, растејќи и развивајќи се, беше различен и преку претставите отвораше многу прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше – вели авторката на изложбата.
Досега се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милион луѓе. Меѓу првите театри започна со поставување на домашните драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески.… Иако театарот „Војдан Чернодрински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“, сепак е драгоцено место што раскажува приказни што остануваат трајно врежани во историјата, не само во градот туку и во македонскиот театар. За одбележување е што низ годините најмногу претстави режирал Благоја Дамевски, вкупно 62, а по 24 пати на претстави се потпишале Коле Ангеловски и М. Стефановски. Поставени се 282 текста, кои ги режирале 70 режисери. Авторот Б. Њушиќ е поставуван 15 пати, од кои трипати – текстот „Нажалена фамилија“, и тоа во периодот 1950/51, 1962/63 и 1984/85. По осум пати на сцената се поставувани текстови од Иљовски и Хаџиќ, па потоа Фејдо… За дел од претставите се освоени награди на меѓународни и домашни фестивали.
Илјадници фотографии се дел од архивата на театарот „Војдан Чернодрински“, која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста. Мал дел од тие фотографии, почитувани, сега се пред вас. Поради симболиката, 75 години театар, одбравме 75 фотографии да ја отсликаме 75-годишнината од опстојувањето и растежот на театарот. На поставката со фотографии на канвас, презентирани се моменти од претстави наградувани низ годините, претстави што оставиле белег во историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ и од претстави што биле најдолго на репертоарот и биле најгледани. Се надеваме дека со овој избор, ќе ви ја доближивме историјата на театарот со која Прилеп и прилепчани се гордеат – вели авторката на проектот Каролина Мицевска.