Деновиве излезе од печат македонскиот превод на книгата „Тито: вечниот партизан“, дело на реномираната германска историчарка Мари-Жанин Чалиќ. Книгата ќе биде достапна од 29 ноември, симболично, на Денот на Републиката на поранешната Југославија. Преводот од германски е на Ксенија Чочкова и е поддржан од фондацијата „Традуки“.
Оваа биографија на Јосип Броз Тито нуди длабок истражувачки и сеопфатен увид во животот на една од највлијателните фигури на 20 век на Балканот и пошироко. Чалиќ мајсторски ги претставува сложената историска заднина и политичките предизвици со кои се соочувал Тито, давајќи уникатен поглед на неговата улога како партизан, државник и лидер на Движењето на неврзаните. Со дистанца од 40 години, германската историчарка Мари-Жанин Чалиќ на околу 400 страници пишува за комплексниот, но и многу флексибилен политички лик, типичен производ на ерата на крајностите, што Тито лично ја доживеал и во чие обликување учествувал. Пред својата смрт Тито важел за меѓународно признаен државник. Денес многумина го сметаат за брутален диктатор. Но што бил тој навистина? Мари-Жанин Чалиќ ја открива историската личност зад легендите и ја раскажува приказната за еден авантуристички живот што ги отсликува подемот и падот на Југославија.
Мари-Жанин Чалиќ е професорка по историја на Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Работела како политичка советничка на специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Брисел, како и во седиштето на УНПРОФОР во Загреб и во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг. Нејзините публикации ги вклучуваат, меѓу другото, монографиите „Југоисточна Европа. Светската историја на еден регион“ и „Историја на Југославија во 20 век“. Мари-Жанин Чалиќ редовно пишува и говори во медиумите на теми поврзани со историјата и политиката на балканските земји.