Стогодишниците, кои некогаш важеа за исклучително ретка група на луѓе, сѐ повеќе стануваат вообичаена појава. Тие се најбрзорастечка демографска група во светската популација, со бројки што се зголемуваат приближно двојно на секои десет години од 1970-тите години.
Отсекогаш сме биле заинтересирани за тоа што всушност одредува долг и здрав живот, дури и Аристотел и Платон пред повеќе од 2.300 години разговарале и пишувале за процесот на стареење.
Дури 85 проценти од стогодишниците биле жени
Меѓутоа, потрагата по разбирањето на тајните зад долговечноста не е лесна и продолжува до ден-денес. Сепак, знаеме дека тоа вклучува сложена интеракција на генетската предиспозиција и факторите на животниот стил, како и нивната интеракција во текот на животот.
Една неодамнешна студија спроведена од шведскиот институт „Каролинска“, која беше објавена во научното списание „Геросајенс“, откри некои вообичаени биомаркери, вклучувајќи го и нивото на холестерол и гликоза, кај луѓето што живеат над 90 години.
Ова е најголемата студија од ваков тип досега и вклучува податоци за 44.000 Швеѓани што биле подложени на здравствени процени на возраст меѓу 64 и 99 години. Учесниците беа следени 35 години преку податоци од шведскиот здравствен систем. Од вкупниот број испитаници, 1.224 или 2,7 отсто доживеале сто години. Огромното мнозинство стогодишници, поточно дури 85 проценти, биле жени!
Научниците ги споредиле профилите на биомаркерите на луѓето што продолжиле да живеат повеќе од еден век и нивните врсници што живееле пократко и ја истражувале врската помеѓу резултатите од крвта и нечија шанса да достигне сто години.
Беа земени предвид 12 биомаркери базирани на крв, поврзани со воспаление, метаболизам, функција на црниот дроб и бубрезите, како и потенцијална неухранетост и анемија. Сите тие беа поврзани со стареење или смртност во претходните студии.
Испитаниците имале пониски нивоа на гликоза
Беше откриено дека оние испитаници што го достигнале својот стоти роденден, од нивните 60-ти години натаму имале пониски нивоа на гликоза, креатинин (кој е поврзан со функцијата на бубрезите) и урична киселина (отпаден производ во телото предизвикан од варењето одредени видови храна).
Иако просечните вредности не беа значително различни помеѓу стогодишниците и нестогодишниците за повеќето биомаркери, стогодишниците ретко покажуваа екстремно високи или ниски вредности. На пример, многу малку стогодишници порано во животот имале нивоа на гликоза над 6,5 или нивоа на креатинин над 125. Од 12 биомаркери, сите освен два (алт и албумин) се поврзани со веројатноста некој да живее до сто години.
Луѓето со повисоко ниво на гликоза, креатинин, урична киселина и маркери за функцијата на црниот дроб, како и оние со ниски нивоа на вкупен холестерол и железо, имале намалени шанси да го достигнат својот стоти роденден.
Истражувачите заклучија дека резултатите укажуваат на потенцијална врска помеѓу метаболизмот, исхраната и долговечноста.
– Разумно е да се мисли дека факторите како исхраната и внесувањето алкохол играат улога во долговечноста. Следењето на вредностите на бубрезите и црниот дроб, како и гликозата и уричната киселина како што стареете, веројатно не е лоша идеја – заклучија тие.