За време на полициска акција во Умбрија се откриени етрурски гробишта, од каде што незаконски биле отстранети предметите што се продавале на црниот пазар. Италијанската полиција пронашла локација во централниот регион Умбрија од која осомничените за нелегална трговија со вредни археолошки експонати ископувале предмети наменети за нелегална продажба.
Како што соопштија неодамна на прес-конференција официјални лица од оваа земја, станува збор за артефакти вредни дури 8,5 милиони евра, кои биле наменети за црниот пазар. Официјални лица за спроведување на законот во моментов истражуваат две лица под сомнение дека украле урни, саркофази, садови и други вредни предмети од неодамна откриените етрурски гробишта. Оваа некропола се наоѓа во близината на други етрурски гробишта, кои пред девет години случајно ги открил земјоделец додека ја обработувал својата земја, соопштија властите, а пренесоа италијанските медиуми.
Меѓутоа, во последните месеци на црниот пазар се појавија фотографии од антички предмети што наликуваат на оние пронајдени на етрурски гробишта во 2015 година. Поведена е истрага во која, покрај другите технологии, за фотографирање од воздух е користен и дрон, со кој е лоциран нов ископ на земјиште што му припаѓа на локален бизнисмен. При истрагата на локалитетот, припадниците на полициските сили пронашле два саркофага со скелет во еден од нив, урни и предмети на кои се прикажани сцени од битки и лов, контејнери што се користат за парфеми и чешел од животинска коска.
Етрурците живееле на територијата на Античка Италија од 9 век пр. н.е., а на полуостровот Апенин ја создале првата голема цивилизација што го достигнала својот врв во железното време.