По музичко-поетската вечер на Иван Босиљчиќ во НОБ
Во Македонија годинава се случија два празника посветени на жената. Првиот беше оној традиционалниот 8 Март, а вториот – „денот на Иван Босиљчиќ“, кој се погоди да биде на 9 март. И сега не знаеш кој празник е поголем, дали 8 Март кога жените прославуваа со своите партнери или вториот кога прославуваа – сами или во женско друштво.
На ТВ-гледачите им прирасна за срце како пилотот Ненад во романтичната серија „Ранетиот орел“ и како Мирослав, сиромашниот студент и несуден оперски пејач од серијата „Непобедливото срце“. Иван Босиљчиќ, како Бојан ја обележи и приказната на серијата „Гревот на нејзината мајка“, улога за која доби актерска награда на Филмските средби во Ниш. Во Белград е вработен во Белградскиот народен театар, а паралелно игра во претстави во Театарот на Теразије и во „Мадленианум“. Снима ТВ-проекти во Србија и во Русија. Босиљчиќ, кој има долга актерска кариера, долго време го има и музичкиот проект „Наша вечер“, каде што пее и рецитира поезија. Со својот проект Иван постојано настапува низ градовите во Србија и во регионот, а своите музички вечери ги изведе и пред публиката во Австрија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Канада и во Исланд. И во Скопје месецов гостуваше со музичко-поетската вечер „Наша вечер“.
Програмата беше комбинација од обработки на популарни песни од 1960-тите години до денес, филмска музика и руски романси, а белградскиот актер рецитираше и поезија од регионални и светски автори на македонски и на српски јазик. На сите свои досегашни гостувања, Босиљчиќ ја рецитира „Две тишини“ од Анте Поповски и пее песни од Тоше Проески, а тоа го направи и на скопската вечер, во организација на продукцијата „Вајб“.
Српскиот Аполон ја закажа средбата со македонската публика во Националната опера и балет. Салата беше преполна, а публиката во најголем дел женска. На сцената се поставени музичарите (три гитари, тапани и перкусии) и од некаде се слуша актерот како рецитира, иако не го гледате на бината. Тишината е надреална, само гласот на Иван и срцата на публиката што ротираат во еден ритам. По неколку минути на сцената се појавува срцекршачот Иван Босиљчиќ, кој почнува да пее. Ред песни, ред љубовна поезија и извадоци од неговите драмски и филмски остварувања, сѐ е одлично смислено. Музичарите ја потврдуваат својата репутација градена со години. А Босиљчиќ е израз на чиста емоција, иако актерска. Има неверојатна харизма и дефинитивно е мајстор на својот занает. Се редат: „Жуте дуње“, „Вољело се двоје младих“, „Пукни зоро“, „Девојко мала“, „Тајно моја“, „Очи црње“, па ја рецитира „Две тишини“ од нашиот Анте Поповски, „Мирис јоргована над Мостаром“, „Проста ти била моја љубов“… Каков репертоар. Тој нема свои песни, но одлично ги пее туѓите (додека бил млад во негoвото родно место, тогашното Титово Ужице пеел во рок-групата „Рок апотека“).
На крајот аплауз и два биса, а публиката не сака да си замине. Посетителите на концертот чекаат автограм, фотографија, како на времето кога ги чекаа Здравко Чолиќ и Ѓорѓе Марјановиќ. Во секој случај неверојатно мајсторски изведена претстава, чиста емоција што ги разнесува срцата на публиката. Продукциската куќа „Вајб“ направи повторно полн погодок со оваа музичко-поетска вечер на Иван Босиљчиќ, каде што сѐ функционираше како што треба.
Љупчо Давчев