Клубот/кафеаната „Русти“ се наоѓа веднаш до Средното градежно училиште во Скопје, а во него се случуваат прекрасни живи свирки, проследени со неверојатна атмосфера и прекрасен амбиент. На една од тие свирки, за време на фестивалот „Котон блуз“, се наоѓаме со музичарот, лидерот на бендот Тони Холидеј. Тој е ѕвезда на вечерта на првиот од четирите дена блуз-свирка. Седи таму на крајот и чека да дојде времето за неговиот настап. Со него се и неговата група и менаџерот. Тони е Американец, кој е роден во Солт Лејк Сити, но подоцна се преселува во Мемфис. Куриозитет за овој настан е тоа што Тони доаѓа од Америка само за оваа свирка во Македонија и никаде на друго место. Организаторите на фестивалот „Котон блуз“ при неговото прво доаѓање пред неколку години се покажале организирани, средени, чесни, со добра публика, при што на менаџерот тоа му било доволно да го натера Тони повторно да дојдат. Седнувам на маса со нив и почнуваат прашањата од моја страна.

Што се случи во меѓувреме со твојата кариера од вашиот последен настап во 2022 година во Македонија?
– Издадовме нов албум „Keep your heads up“ во 2025 година и плус неколку таканаречени изданија „Porches“. Солидна е продажбата и работите се движат во позитивна насока. Не седиме, цело време нѐ бараат да свириме.

А какви се тие изданија „Porche“?
– Знаев дека ќе ме прашаш. Сѐ започна кога живеев во Солт Лејк Сити. Патував често и среќавав разни музичари. Така на едно од тие патувања запознав музичар со кого свиревме во клубот. По неколку дена му се јавив да снимиме нешто заедно. Арно ама немавме студио, а и тој живееше неколку стотини километри подалеку. Му реков ќе дојдам да свириме и снимаме на твојот преден трем (Front Porches). Снимките беа добри и така започна сето тоа. Мене ми донесе разновидност, различно влијание и зрелост. Досега објавивме неколку такви изданија со Кид Андерсен, Лари Бел Кид Андерсен, Лури Бел, Џони Бургин, Боби Раш, Чарли Маселвајт, Кид Рамос и други. Е сега, не се сите свирки на тремови, имаме и пред згради, кафулиња, молови… Кога бев кај вас во 2022 година направивме таква свирка „Porche“ пред едно кафуле, мислам дека во името на кафулето имаше некое куче. Прекрасна, непосредна атмосфера создадовме.

Интересно, тоа е тогаш блуз Porche?
– Добра идеја за нов блуз-правец. Моите влијанија се многу подлабоки. Музиката ја црпам од Делта блуз, Мемфис соул, Чикаго блуз, како и тој кантри хилбили звук, создавајќи една многу интересна мешавина на типови на музика. Кога сме кај кантри-музиката, да ти кажам дека свирев како предгрупа на Вили Нелсон, за мене многу голема работа, затоа што тогаш бев многу помлад.
(За да го долови моментот дека е страсен љубител на кантри-музиката ми ја покажува подлактицата на која е истетовиран ликот на еден од најпознатите американски кантри-уметници.)
Според мене за да свириш и пееш блуз, соул треба да имаш некои страшно тешки моменти во животот. Како на пример Афроамериканците, кои биле грабнувани од Африка како слободни луѓе и биле принудени да ја изгубат слободата, станувале робови и работеле на плантажи за памук. Знаеш и на нас Македонците ни било можеби потешко, цел животен век на генерации Македонци што било уништени, без слобода, без право да зборуваат на својот македонски јазик, едноставно уништувани целосно. И тука има некоја поврзаност помеѓу афроамериканскиот блуз и македонскиот блуз (традиционална македонска народна музика). И му ги пуштам на Тони песните каде што пеат и свират Васка, Бадев, Сариевски, Стојковски Стефче, Пеце, а во исто време му го преведувам текстот.
– Многу интересно и длабоко, се чувствува дека има душа (соул) во таа музика.

А да дојдеш да направиш изданија Porche на македонските тремови со македонски музичари и да ги издадеме како носачи на звук?
– Можеби наредниот пат. Инаку, да ти кажам, и мене животот не мe галеше многу, имав многу лоши моменти и само блузот и кантрито ме спасија од тотален мрак. Тие ми ја дадоа силата да опстојам и да продолжам. Силата ја црпев од моето повторно раѓање по четири години поминати во затвор. Како младо момче направив нешта што ме уништија, и мене и другите околу мене. Така што прво две години бев во поправен дом, а кога станав полнолетен веднаш продолжив во затвор. Таму ги научив најтешките лекции, можеби на најтежок начин, и кога свирам оттука ја влечам силата, идејата. Знаеш, зад мене не стоеше цврста домашна машка фигура, која ќе ме посоветува, немав татко и лесно паѓав под лоши влијанија, кои, ете, ме уништија и потоа со многу маки повторно се родив. Во моите досегашни 40 години како да сум преживеал сто години.
Време е да оди на сцена. Станува и ми подарува два цеде-албума. Почнува свирката со Тони и неговата група. Класична постава, гитара, бас, тапани и тој на усна хармоника, кои ги имаше дваесетина и постојано ги менуваше. Се чувствуваат блузот, соулот и кантрито во него кога свири. Публиката задоволно игра, играм и јас, а низ главата ми се вртат сите тие музичари што влијаеле на Тони, а сите тие биле раскажувачи на животни приказни, баш како што Тони ни раскажа дел од својата вистинита животна приказна.

Љупчо Давчев