Индиската лунарна сонда „Чандрајан-3“ успешно изврши меко слетување во близината на јужниот пол на Месечината. Се верува дека овој регион содржи замрзната вода, која е вреден ресурс за добивање вода, кислород и гориво за идните мисии и бази на Месечината.

Чандрајан-3 беше лансиран на 14 јули и помина 360.000 километри во вселената за да стигне до Месечината. Откако „Чандрајан-3“ слета на површината дојде до ерупција на воодушевување и голема прослава.
– Индија сега е на Месечината, меѓутоа оваа успешна мисија не ѝ припаѓа само на Индија, целата Земја е едно семејство и има една иднина. Небото не е граница – рече индискиот премиер Нарендра Моди, кој им честиташе на тимот во контролната соба и на сите Индијци за овој голем успех.

Научниците сега се надеваат дека лендерот Викрам успешно ќе го испушти роверот Прагјан, кој ќе ги испрати првите фотографии и податоци назад на Земјата.
Меѓутоа лендерот ќе почека неколку часа додека не се спушти лунарниот прав. Потоа ќе се отворат панелите од едната страна, а потоа ќе се извлече рампата по која роверот Прагјан ќе се спушти на површината на Месечината. Задачата на роверот ќе биде да се движи низ карпи и кратери и да собира податоци, кои ќе бидат испратени на Земјата за анализа.

Лендерот и роверот се опремени со пет научни инструменти што ќе помогнат да се анализираат физичките карактеристики на површината на Месечината, атмосферата блиску до површината и тектонската активност за проучување на она што се случува под површината.

Датумот на слетување е прецизно избран да се совпадне со почетокот на лунарниот ден, кој трае 28 Земјини денови, бидејќи на батериите на лендерот и роверот им е потребна сончева светлина за да се наполнат и да функционираат.