Фото: Пиксабеј

Индија ги претстави своите планови, кои вклучуваат изградба на сопствена вселенска станица до 2035 година, како и испраќање астронаути на површината на Месечината до 2040 година.
Вселенската програма на Индија значително напредуваше во последните години, а оваа земја стана првата во светот што успешно слета вселенско летало во близината на јужниот лунарен пол во август оваа година. Потоа во септември лансира сонда со задача да го проучува Сонцето. Меѓутоа, летовите со човечки екипаж во вселената се нешто сосема друго. Претстојната мисија „Гаганиан“ ќе биде првата во која Индија ќе испрати астронаути во вселената користејќи ги сопствените можности, а сега се подготвува да започне со тестирање на вселенското летало што ќе овозможи лет на човечки екипаж.
Индиската вселенска агенција ИСРО му го претстави планот на премиерот Нарендра Моди и изјави дека првото патување со екипаж во вселената се очекува во 2025 година пред можна мисија на Месечината. Севкупно, Индија планира да спроведе околу 20 теста пред да ги испрати своите астронаути во вселената.
Индија, исто така, гради нова лансирна рампа и развива ракета од следната генерација за да овозможи други „амбициозни цели“. Покрај изградбата на вселенската станица „Баратија Антарикша“, односно индиската вселенска станица до 2035 година и испраќање луѓе на Месечината до 2040 година, Индија планира и меѓупланетарни мисии. Моди покажа интерес за развој на орбитер за истражување на Венера, како и лендер што ќе биде испратен на Марс.