Индиската вселенска агенција ИСРО лансира сателит и започна мисија за проучување на црните дупки и астрономските објекти. Лансирањето се случи од космодромот „Срихарикота“ и тоа е само втора мисија во светот од ваков карактер, откако американската вселенска агенција НАСА ја лансира својата мисија во 2021 година. ИСРО сака да им помогне на научниците да го унапредат своето знаење за црните дупки.
– Пред нас е возбудливо време – рече портпаролот на ИСРО по лансирањето.
Црната дупка е простор каде што материјата се распаднала сама по себе, а гравитациската привлечност е толку силна што ништо, па ни светлината, не може да „избега“. Црните дупки се создаваат со експлозивното исчезнување на одредени големи ѕвезди, а некои се навистина огромни. Тие се милијарди пати поголеми од масата на нашето Сонце.
Сателитот на агенцијата ИСРО, наречен Полариметарскиот сателит со Х-зраци, или скратено Екс-пи-оу-ес-еј-ти, има цел да спроведе детално проучување на црните дупки. Неговото производство чинеше околу 30 милиони долари, додека животниот век му е пет години.
Лансирањето следува по една исклучително успешна година за ИСРО. Во август, агенцијата успешно го приземји вселенското летало „Чандрајан-3“, во близината на јужниот пол на Месечината, регион до кој друга мисија не стигнала. Неколку дена подоцна, мисијата „Адитија-Л1“ беше лансирана за проучување на Сонцето.
– Најновото лансирање е само еден од неколкуте проекти што ИСРО ги планира за оваа година. Впрочем, 2024 година ќе биде година на подготовка за „Гаганјан“ – додаде портпаролот, осврнувајќи се на проектот, чија цел е да испрати тројца астронаути во ниската орбита на Земјата и да ги врати по три дена.
ИСРО го спроведе првиот од серијата пробни летови за оваа мисија во октомври 2023 година, а планот е да има сè подготвено за испраќање на екипажот во орбитата до 2025 година.