Пациент што боледува од Паркинсонова болест сега може да оди до шест километри, благодарение на имплантот што му е вграден по должината на неговиот ’рбетен столб. Шеесет и двегодишниот Марк од Бордо, Франција, страдал од тешки нарушувања во подвижноста поради дегенеративната болест, пишува весникот „Гардијан“.
– Практично не можев да одам без чести падови, неколкупати на ден. Во некои ситуации, како на пример при влегување во лифт, се сопнував и паѓав како да сум се смрзнал – вели Марк.
Меѓутоа, спиналниот имплант му овозможи да оди „речиси нормално“, а сега истражувачкиот тим сака да започне целосни клинички испитувања.
Марк беше подложен на „прецизна неврохируршка процедура“ пред две години во Универзитетската болница во Лозана, каде што му беа вградени низа електроди по должината на неговиот ’рбетниот столб и генератор на електрични импулси под кожата на неговиот стомак. Иако конвенционалните третмани за Паркинсонова болест често ги опфаќаат мозочните региони погодени од губење на невроните што произведуваат допамин, овој пристап наместо тоа се фокусира на областа на ’рбетот поврзана со активирање на мускулите на нозете заради одење. Во постапката се користела персонализирана мапа на ’рбетниот столб на Марк, која идентификувала специфични локации што сигнализираат движења на нозете, а тој сега носи сензор за движење на секоја нога што „му кажува“ на имплантот дека се обидува да оди. Имплантот потоа се активира и испраќа електрични импулси до насочените спинални неврони, приспособувајќи се на неговото движење во реално време.
Истражувачите веруваат дека овие резултати може да отворат реални перспективи за развој на третмани. Пациентот тврди дека практично може нормално да оди благодарение на стимулацијата, по само неколку недели рехабилитација. Тој го носи имплантот осум часа на ден и го исклучува само кога лежи или спие.
-Стимулацијата ја вклучувам наутро и ја исклучувам навечер. Тоа ми овозможува подобро да одам и да бидам стабилен. Сега не се плашам од скали. Секоја недела одам на езеро, пешачам шест километри и тоа е неверојатно – изјави Марк.
Но истражувачите се претпазливи во однос на тврдењата, бидејќи постои разлика помеѓу пристапот од едно лице и оптимизирањето на технологијата за широка употреба. Целта е да се понуди иновативна технологија за сите со цел да им се подобри квалитетот на животот на луѓето со Паркинсонова болест низ светот. Научниците ќе го продолжат своето истражување на шест нови пациенти во текот на 2024 година. Ова е овозможено со донација од фондацијата „Мајкл Џеј Фокс“.