По концертот на Даниела Мартиновиќ во Скопје
Има нешто посебно во тој Сплит, дали воздухот, ветерот, морето, историјата, дали црквата „Света Богородица“ во Појишан, навистина не знам што, но има нешто волшебно, специјално, нешто што го има само таму. Има и други градови на Јадранот, ама само еден е Сплит, кој со својата неверојатна атмосфера ги облагородува сплитските уметници, особено музичарите. Листата е навистина импресивна, доволно е да се спомнат следните имиња: Мери Цетиниќ, Оливер Драгоевиќ (тој е од Корчула, но творел во Сплит), Дино Дворник, Дорис Драговиќ, Тончи Хуљиќ, Даниела Мартиновиќ, Зденко Руњиќ, Северина, Јелена Розга, Горан Каран, Јасмин Ставрос, Нино Белан, Џибони… Речиси сите се мегаѕвезди на овие балкански простори, а нивната ѕвезда блеска веќе долго време, сосема заслужено.
Една од овие мегаѕвезди, Даниела Мартиновиќ, неодамна одржа концерт во Скопје. Салата беше преполна, немаше место за седење. На прекрасната бина на Македонската филхармонија се сместува придружниот бенд составен од три гитари (еден од нив свиреше и хармоника) и тапани. Се гасат светлата, почнува музиката и излегува таа, миленичката на балканската сцена. Се редат: „Нека ми не сване“, „Овако не могу даље“, нејзината најомилена „Грубе ријечи“, па потоа „Издали ме“, „Плеши са мном“, „Што сам ја, што си ти“, „Марке немам“, „Пола, пола“… Сите се полни со меланхолија, љубов, смеа, плач, болка… Течат животните приказни, онака стихијно. Даниела се заблагодарува за неверојатниот прием.
– Јас не верувам дека случајности постојат и дека тука вечерва некој од вас е случајно, па затоа од срце ви велам, благодарам што сте вечерва со мене заедно овде – вели таа на крајот на концертот, но публиката ја враќа на бис.
Во салата одекнува музиката, веројатно се слуша сѐ до Далмација, и како што звучните бранови патуваат низ Балканот така шират љубов и енергија и болка и надеж кај секој што има отворена душа и срце. Поминуваат двата биса, поминуваат повеќе од два и пол часа. На крајот стоечки овации.
Љупчо Давчев