Игор Трајковски, заедно со членовите на евровизискиот фан клуб ОГАЕ-Македонија, чиј претседател е, вечерва ќе го следи финалето на „Евровизија 2024“.
Во Скопје е во моментот, а инаку живее во Амстердам, Холандија, каде работи како електроинженер-информатичар. Со Игор , непосредно пред вечерашното евровизиско финале, поразговаравме за неговите впечатоци од годинашното издание на овој престижен фестивал, што тој во живо го следел дваесетина пати.
И самиот назив на фестивалот „Евровизија“ сугерира дека визуленото е пред аудио впечатокот. Дали она што го гледаме, повеќе ги преокупира нашите сетила на овој избор?
-Од пред едно десетина години, кога се зборува за Евровизија, дискусиите околу мелодиите и текстовите се споредни – главната расправа се води околу тоа дали настапот и специјалните ефекти ќе бидат доволно добри за да се освои публиката. „Песната е одлична, ама настапот катастрофален“ – и тука завршува муабетот. Називот „Избор за песна на Евровизија“ е погрешен, сега се работи за избор на настап на Евровизија, што е далеку покомплексен концепт.
Дали мелодијата полека изчеснува од „Евровизија“?
-Секако, добра мелодија со ефектен настап сѐ уште ќе котира подобро од лоша мелодија со добар настап, но добра песна со релативно минималистичко визуелно претставување има големи шанси да падне во заборав уште во првите 45 секунди од настапот. Чест на исклучоците кои, на среќа, сѐ уште ги има (Португалија 2017-та, на пример, Македонија 2019-та или Франција годинава). Од таа гледна точка, и овогодишните полуфиналиња ни претставија широк спектар од сценски лудории и (одлични) продукциски решенија, со понекоја песна која би била слушлива и на радио. Дали тоа ќе го осудите како „добро” или „лошо” е генерациско прашање: ако сте израснале со слушање радио, инстинктивно ќе ве привлечат мелодии кои би ви се допаднале и без видео презентација; ако сте израснале на Јутјуб и Тик-ток, ќе ви биде потребна и визуелна поткрепа за да го донесете конечниот суд. Односно, за да ги привлечете помладите, треба да направите нешто што е атрактивно и препознатливо во 20 секунди на Тик-ток.
Според вас на музички план што ни донесоа годинава песните на земјите учеснички?
-Од музичка гледна точка, годинава би рекол имаме (пак) едно просечно евровизиско издание, но сценски и продукциски подобро од претходните, а и тоа е некаков прогрес. Стандардно, имаме и полукопии од песни и настапи од изминативе години (Кипар, Грузија, Норвешка, на пример), претставници со концептуални проекти во обид да пренесат некоја подлабока порака (Швајцарија, Ирска), но и покласични балади без некои екстравагантни настапи (Латвија, Србија, Франција). Што би се рекло, за секого по нешто.
Годинава државите од некогашна Југославија беа успешни и влегоа во финалето, за жал, без Македонија. Имате ли фаворит за победа?
-Мал куриозитет оваа година е што сите (само) 3 бившојугословенски претставници настапија во исто полуфинале, што одамна не се случило и – како и лани – сите три се пласираа за финалето во сабота. Најголема шанса за победа од нив има Хрватска, која и на обложувалниците е главниот фаворит. Доколку победи, голема е веројатноста Босна и Херцеговина повторно да ја видиме на евровизиската сцена откако почна да ги расчистува заостанатите долгови кон ЕБУ. Во тој случај, не би било лошо и Македонија да размисли за враќање на натпреваров, доколку двегодишното отсуство ни било доволно да го преиспитаме концептот на избор за претставник на една ваква манифестација.
Традиционално Ако има нешто добро во нашето неучество, тоа е што настанов го следиме без стрес и без расправии дали нашето евентуално непласирање во финалето на настанов би било продукт на тоа што сите (или повеќето) нѐ мразат или на нашата некадарност да избереме композиција од соодветен калибар и адекватно да ја презентираме. Мене лично, ми фали малку таков стрес, а и расправија.